Ковачевски- Нехамер: Економската соработка меѓу Австрија и Северна Македонија на извонредно ниво
Економската соработка помеѓу Северна Македонија и Австрија ќе се продлабочува, кажаа на денешната заедничка прес-конференција во Виена премиерот Димитар Ковачевски и австрискиот канцелар Карл Нехамер, одговарајќи на новинарски прашања. Двете држави ќе работата на зголемување на трговската размена во секторот земјоделство, ќе работат заеднички проекти во делот на прочистување на отпадни води, инфраструктурни проекти. Премиерот Ковачевски и во обраќањето наведе дека Австрија е најголем странски инвеститор во Северна Македонија со присуство на големи компании во енергетиката, телекомуникацискиот, банкарскиот сектор.
-Значи едно од двата најголеми телекомуникациски оператори во нашата држава е Телеком Австрија групацијата, во којашто и јас поминав дел од мојата професионална кариера. Втор во банкарскиот сектор едно до најголемите банки после извршената консолидација е „Шпаркасе“ банка која има значајно учество во стабилноста и во монетарната политика, односно стабилноста на монетарната политика во нашата држава, и секако во време на енергетска криза исклучително значајна беше улогата на ЕВН, којшто е на наш практично најголем дистрибутер на електрична енергија и благодарение на којашто соработка можевме да имаме непречено снабдување со електрична енергија во текот на сите зимски месеци, изјави Ковачевски.
Според него, добрите дипломатски односи и одличното разбирање на Австрија на регионот е историски факт и влијае на размената на знаења помеѓу двете држави. Македонски студенти се школуваат на австриски универзитети и се враќаат во државата како менаџери или како експерти. Претседателот на Владата најави дека утре ќе одржи предавање на престижниот Институт за меѓународни односи.
-Нашиот амбасадор што е сега во Австрија практично има завршено на истиот институт, и секако дека знаењето којашто го добиваме од Австрија којшто е познат образовен и научен центар во светот исто така има значење, кажа премиерот.
Оцени дека соработката со Австрија е на извонредно ниво и ќе продолжи во иднина.
Австрискиот канцелар Карл Нехамер вели дека политичарите ќе дадат се од себе да продолжат добрите односи за продлабочување на соработката. Според него, австриските компании во земјава имаат добри можности за раст.
-Северна Македонија има премиер којшто многу добро ја познава европската економија, ги познава австриските претпријатија многу добро и во овој поглед претставува мост да се продолжи со економскиот раст на Северна Македонија. Австрија е веќе голем инвеститор во С Македонија. ЕВН инвестира, но и А1 телекомуникациската компанија и искуствата од С Македонија се крајно позитивни така што сите политичари ќе дадат се од себе да се продолжат ваквите добри односи затоа што и двете страни имаат полза од тоа, рече Нехамер