Ковачевски: Нема ништо тајно во Договорот со „Бехтел и Енка“, секој денар што ќе го исплатиме ќе биде објавен

Нема ништо тајно во Договорот со „Бехтел и Енка“. Начинот на реализација на Договорот, како ќе се трошат парите на граѓаните, сето тоа секогаш било јавно и достапно како информација и е достапно и за сите институции, вклучувајќи го и Парламентот, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешната собраниска седница наменета за пратенички прашања.

-Државата има опција автопатите да се градат во временски рок што го зададе Владата, во рок од четири години и седум месеци, или да прифатиме да се градат по постојната регулатива, којашто ќе значи подолго време на градење кое досега го гледавме на автопатиштата низ државата вели Ковачевски и потсети на автопатот Кичево-Охрид, за којшто досега се потрошени 600 милиони евра, а не е пуштен заради лошото проектирање на трасата.

Тој додава дека секој денар што државата ќе го исплати кон Јавното претпријатие за државни патишта и потоа кон фирмата ќе биде објавен на Отворени финансии и граѓаните ќе знаат точно за што се исплаќаат финансии

Првата исплата на овој договор, како што е соопштено, е за авансот за почеток на градежните работи.

Изградбата на коридорите 8 и 10-д е најголемиот инфраструктурен стратешки проект којшто досега се има случено во државата. Тоа е стратешки проект од национален интерес за државата. Ги поврзуваме градовите, нашата држава со околните држави со модерна патна инфраструктура. Првпат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само север и југ – на којшто само неколку фирми држеа монопол на транспорт, истакна Ковачевски во своето обраќање.

Од кружен тек на Балканот, со изградбата на коридорите 8 и 10-д, тој додава дека Северна Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот.

Back to top button
Close