Ковачевски: Обединети во вистинските вредности, градиме заедничка иднина
Ифтарската вечер, којашто ги спојува членовите на семејствата, роднините, пријателите, којашто го слави заедништвото, е само потврда дека обединетоста е меѓу врвните вредности, затоа што, секој сам можеби може, но сите заедно, сигурно можат и повеќе и подобро, порача вечерва премиерот Димитар Ковачевски на Ифтарската вечер на која што беше домаќин и на која меѓу останатите присуствуваа и поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул Улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, министри и членови во Владата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, пратеници, претседатели на политички партии, уредници и други гости.
Ковачевски Ифтарска вечер
– Во оваа Ифтарска вечер, еве седиме заедно на маса, го делиме лебот, споделуваме меѓусебна почит – и ова е најдобар одраз на вредностите кон коишто сме определени. Тоа е сплотеноста, во еднакво општество за сите, во кое што заедно ги надминуваме предизвиците и заедно ги отвораме перспективите, градиме иднина – за секој човек, за секое семејство, за нашата заедничка држава, којашто е наш заеднички дом, порача премиерот Ковачевски.
Ковачевски Ифтарска вечер
Тој посочи дека годинава рамазанскиот пост се преклопува со велигденскиот, на кои се пости различно, но дека пораките на двата верски празника, и на Рамазан и на Велигден, се исти.
Ковачевски Ифтарска вечер
– Да сакаме, да сочувствуваме едни со други, да простуваме, да имаме разбирање едни за други, повика премиерот Ковачевски.
Рамазан, како што рече премиерот Ковачевски, се смета за месец на обнова на душата и телото, затоа што е шанса да се согледа и прифати вредното.
– Во пресрет на Рамазан Бајрам, ви пожелувам на сите добро здравје, спокој, радост во домовите. И да го чуваме и негуваме ова наше заедништво, во општеството по кое станавме пример и во регионот и во Европа, како се учи, работи, живее заедно, во мир. Ви посакувам пријатен Ифтар и благодарам што сте тука, порача Ковачевски во обраќањето на Ифтарската вечер.