Ковачевски : Од пратениците очекувам да размислуваат државнички, како претставници на народот, а не само на партиите

За одлуката во Собранието, очекувам плодна и суштинска дискусија, очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата, која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии, изјави денеска во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски, во врска очекувањата од утрешната седница во Собранието, на чиј дневен ред е францускиот предлог.

Ковачевски нагласи дека во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите, кои, како што рече, нам како држава ни се најважни во целиот овој процес.

– Во оваа насока, СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите, нагласи Ковачевски.

На прашањето зошто воопшто вакви заклучоци, доколку тие немаат влијание врз предлогот, Ковачевски вели дека заклучоците кои ќе се донесат практично ќе ја задолжат Владата на Република Северна Македонија, во процесот на преговори да води исклучителна грижа за нашите црвени линии, односно да се обврзе на заштита на националниот идентитет и сите наши специфичности да бидат зачувани и заштитени.

– Ние знаеме кои сме и тоа никој никогаш не може да го смени. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик и имаме специфични културни обележја, традиција и обичаи кои си ги негуваме и почитуваме секојдневно. И со таа мисла и на тој начин го правиме првиот чекор кон ЕУ, така и ќе влеземе во ЕУ, како Македонци со нашиот македонски јазик и идентитет, изјави Ковачевски во интервјуто за МИА.

На прашањето дали навистина се заштитува македонскиот јазик и стравувањата дека постојат замки, особено со унилатералната изјава, Ковачевски одговара дека со отпочнувањето на преговорите, целосното законодавство на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик.

– Секој искажан или напишан збор, ќе биде кажан и напишан и на македонски јазик. Поголема потврда и заштита за важно идентитетско прашање од ова нема. Со ова се затвора еднаш за секогаш темата со идентитетот, додава тој.

За протоколот, дали е усогласен, дали го видел и кога ќе и биде достапен на јавноста Ковачевски одговара: „Најпрво, сакам да е кристално јасно – протоколот е всушност записник од состанок меѓу министерствата за надворешни работи, билатерален документ кој не ја условува преговарачката рамка. Всушност, протоколот воопшто не е ни споменат во преговарачката рамка. Дотолку повеќе протоколот потврдува дека тој не е поврзан и не ги условува почетокот на преговорите. Од таа причина, апелирам да не се шпекулира и за содржината и за важноста на овој документ”.

Премиерот вели дека она што е важно да се знае за протоколот е дека тој се работи на база на реципроцитет.

– Ние инсистираме на тоа. Тоа значи дека обврските или задачите кои ќе си ги поставиме ние и Бугарија како две држави, билатерално, тие важат и за двете страни. Никој нема мандат да прифаќа еднострани барања ниту пак може да дејствува по нив. Реципроцитетот како принцип е основа за сѐ што се работи, додаде Ковачевски.

Во интервјуто Ковачевски се осврнува на протестите, на можноста за приближување на ставовите со опозицијата, на стабилноста на владината коалиција, но и на економски теми во момент кога во Собранието се носи ребалансот на буџетот, а се очекуваат и соодветни одговори на економската криза.

 

Силни охрабрувања слушаме деновиве од високи претставници на ЕУ и САД за прифаќање на францускиот предлог. Германскиот премиер Шолц излезе и со емотивна порака дека ЕУ сака да не види внатре, како и дека тешките компромиси секогаш водат напред. Пo дефиниција преговорите се компромис, исто како што е компромис и самиот влез во ЕУ. Да се биде внатре дел од европското семејство или надвор од ЕУ?

– Северна Македонија има големи пријатели во Европската Унија и САД. Тие се наши стратешки партнери со кои од независноста до сега имаме силна соработка и недвосмислена поддршка за реализација на нашите цели како држава. Од таа позиција, тие знаат колку е важно да ги започнеме преговорите со ЕУ што ќе значи нова ера на забрзан развој, забрзан и одржлив економски раст и сигурна иднина на следните генерации.

Сите наши големи и историски одлуки беа базирани на компромисни решенија, тие водат напред, но воедно бараат лидерство и храброст, мудрост како и одговорност. Лично верувам и  сум убеден дека од овој процес ние ќе излеземе како посилни, постабилни и забрзано ќе грабиме кон заедничка поперспективна иднина.

Ние сме земја која сака да стане членка на ЕУ. Во моментов, кога нашите позиции се искажани однадвор, само како земја кандидат, без преговарачки статус, позицијата на масата не е рамноправна, балансот е сосема поинаков. Кога Северна Македонија ќе седне на иста маса со Германија, Франција, Чешка, работите ќе може појасно, погласно и од исто рамниште да се презентираат. Ние тогаш ќе сме рамноправни и од таа позиција и посилно и поефикасно ќе ги браниме нашите ставови. Добиваме можност од позиција на земја која преговара со ЕУ да ги промовираме нашите позиции на повисоко ниво, искористувајќи ги можностите кои се нудат со почетокот на преговорите.

Премиере, каде е компромисот за Северна  Македонија со францускиот  предлог, МНР постојано усогласува и преговара, а кој е компромисот на Софија? Интересно е дека Еди Рама, Александар Вучиќ не кријат дека нешто се добива, нешто се губи, имаме ли информација каква е преговарачката рамка за Албанија на пример. Дали и таму влегуваат билетаралните несогласувања на Албанија со Грција, која исто е членка на ЕУ или ова е специјален однос на Брисел само за Северна Македонија и има ли рок до кога Скопје треба да се изјасни за предлогот?

– Секоја преговарачка рамка е специфична сама за себе и одговара на приликите на секоја земја поединечно.

Конкретно, она што е добро за нас, а што ние во изминатиот период сме го испреговарале и сме го договориле да е во наша полза, односно за кое бугарската страна отстапила, е на пример јасната позиција за јазикот. Ако се сеќавате, бугарската страна воопшто не сакаше да има назнака за македонскиот јазик во ниту една форма. Ние денес имаме чист македонски јазик во преговарачката рамка. И тоа не само што не е мала работа, туку е суштествена за нас како држава. Ние успеавме од неповолна позиција, знаејќи дека тоа се нашите црвени линии, да дојдеме до решение кое е апсолутно позитивно за нашиот народ.

Дополнително, Бугарија, дури и во драфт предлогот кои ние го одбивме во Брисел,  беше на став дека треба да се промени Уставот за да се внесат Бугарите пред почетокот на преговорите, дека без таа промена, за нас преговорите не можат да почнат. Официјалниот предлог на Европската Унија сега предвидува најитно започнување на преговорите, успеавме да најдеме решение, односно, уставната промена треба да се случи по отворањето на преговорите, после фазата на скрининг, а пред отворањето на поглавјата.

Исто така, работната верзија на  францускиот предлог, кој јас јавно го одбив во Брисел, предвидуваше протоколот да биде целосно споменат, односно предвиден да биде ставен во преговарачката рамка. За отворањето на поглавјата пак, беше оставено да се одлучува повторно и дополнително, односно беше предвидено да не се отворат поглавјата по автоматизам.

Ова за нас не беше прифатливо и низ дијалог и преговори, успеавме да ги заштитиме нашите позиции. Протоколот го нема во преговарачката рамка, отворањето на поглавјата е загарантирано по автоматизам со случувањето на првата меѓувладина конференција, а по промените во Уставот, без нови политички одлуки и без одлагање.

 

Францускиот предлог сега е пред пратениците, имаше забелешки од опозицијата дека документите не се комплетирани, материјалите вчера беа испратени. Прво беше проблем зошто Владата да решава, а не народ односно пратениците, сега е во Собрание и велат да се врати. Какви се вашите очекувања од собраниската седница?

– Опозицијата, за жал, едноставно нема капацитет за државничко однесување. Тие воопшто не се заинтересирани за суштинска дискусија за европскиот предлог, со кој ни се нуди почеток на преговорите. Тие бараа да се изменат четири позиции во предлогот кои всушност се веќе инкорпорирани. Нивните изјави и барања се чиста манипулација.

Погледнете ги нивните изјави во последно време, одбијте го предлогот, а ние ќе отстапиме од барањето за предвремени избори и ќе го одблокираме Собранието. Тоа кажува само едно, дека нивната единствена цел е власта, само за тоа разговараат, само тоа се нивните барања. Не ги интересира воопшто иднината на државата и можностите кои се отвораат пред нас.

Истото се случува и со хистеријата за бугаризација и асимилација. Ниту се случува ниту ќе се случи некаква бугаризација, ниту асимилација. Од проста причина што никој нам не може да ни направи ништо и без наша волја. Досега низ историјата ниту некој успеал да нѐ асимилира, ниту нѐ асимилирал, ниту пак ќе се случи да нѐ асимилира. Ние знаеме кои сме и тоа никој никогаш не може да го смени. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик и имаме специфични културни обележја, традиција и обичаи кои си ги негуваме и почитуваме секојдневно. И со таа мисла и на тој начин го правиме првиот чекор кон ЕУ, така и ќе влеземе во ЕУ , како Македонци со нашиот македонски јазик и идентитет.

Тоа што опозицијата користи флоскули како бугаризација и асимилација само покажува безидејност и страв дека кога државата ќе тргне напред, со започнувањето на преговорите за членство во ЕУ,  за нив, за сите оние кои немаат една визионерска клетка во себе ќе нема пак можност да ја влечат земјата назад и надоле. Ќе нема како да се сеат лаги дека ќе нѐ снема, бидејќи токму спротивно од тврдењата, нашиот македонски јазик и идентитет ќе е заштитен. Со отпочнувањето на преговорите, целосното законодавство на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик. Секој искажан или напишан збор, ќе биде кажан и напишан и на македонски јазик. Поголема потврда и заштита за важно идентитетско прашање од ова нема. Со ова се затвора еднаш за секогаш темата со идентитетот.

За одлуката во Собранието, очекувам плодна и суштинска дискусија. Очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии.

Деновиве имаше изјави од учесниците на координативната средба во клубот на пратениците, дека Собранието ќе усвои заклучоци, кои ќе бидат обврзувачки за Владата, но сепак координадорот на пратеничката група на СДСМ, Митревски изјави дека не е можно Собранието да ја задолжи Владата да менува документ на ЕУ. Која е целта на носење на овие заклучоци, ако тие немаат никакво влијание?

– Дискусијата во Собранието е огромен придонес кон отворената дебата и запознавање на јавноста со сите детали, а се со цел носење информирана и државничка одлука. Ние уште кога го добивме предлогот од француското претседателство во Владата кажавме дека отвораме широк консултативен процес во кој секако, ќе бидат вклучени сите релевантни институции и чинители. Во тој процес, беа вклучени и коалициските партнери, експертите, медиумите, граѓанските организации, партиите од опозицијата, Претседателот на државата, и сега, како последна инстанца, Собранието. Во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите кои нам како држава ни се најважни во целиот овој процес.

Во оваа насока, СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите.

Заклучоците кои ќе се донесат практично ќе ја задолжат Владата на Република Северна Македонија, во процесот на преговори да води исклучителна грижа за нашите црвени линии, односно да се обврзе на заштита на националниот идентитет и сите наши специфичности да бидат зачувани и заштитени.

 

Имавте средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, познати се ставовите што тој ги изнесува во јавноста во однос на предлогот, кусо кажано „Не”, како и паролите на протестите што се одржуваат. Според Мицкоски, предлогот води кон бесконечни преговори и асимилација по бугарски диктат. Ви понуди ли, разговаравте ли за алтернатива, не само за „Не”, туку што е „Да” за Северна Македонија?

– Прашањето многу реално го покажува пристапот на опозицијата во овој историски процес. Опозицијата, велам пак за жал, нема никаква идеја која е нашата алтернатива, односно некои од нив погледот го свртуваат кон исток. Затоа и секогаш се против, а не за. Кажав и претходно, нивната единствена желба е власт, нивната наводна борба за македонските интереси е борба за превласт. И тука нема никаква друга идеја. Сите нивни изјави и дејствувања се во таа насока и на тој принцип поставени. Тие пробаа сега, во 2022 да исценираат крваво сценарио кое сите нѐ потсети на крвавиот 27 април, сѐ со единствена цел , исто како тогаш кога со такво сценарио сакаа да ја задржат власта , а сега со цел да дојдат на власт. Државните интереси за нив се сосема неважни.

Јас одговорно тврдам нашата единствена алтернатива е Европската Унија и тоа треба да ни е на сите јасно. ЕУ е нашиот најголем трговски партнер, дури 80 отсто од нашата трговска размена е со земјите од Европската Унија, повеќе од 80 отсто од директни инвестициите во земјата се од земји членки на ЕУ. Нашето законодавство е веќе 45 отсто усогласено со законодавството со ЕУ. Едноставно, ние сме природно поврзани со Европа и Европската Унија. И повторно ќе кажам, Договорот не води кон никаква асимилација и бугаризација. Додека граѓаните ни ги заплашуваат со наводна „бугаризација”, и дека „од утре нема да сме веќе Македонци”, тие во своите редови имаат десетици видни функционери со бугарски пасоши кои одамна, при добивање на тие документи, се изјасниле дека имаат бугарска самосвест. Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ не познава граници.

Забелешки за предлогот имаат и вашите помали коалициони партнери, во преговарачката рамка да не се дозволи да се вметнат сите бугарски барања. Дали е стабилна владината коалиција. Го доживувате тоа како уцена, особено поради тоа што претходно се вети една изборна единица, а ништо не се оствари. Не си верувате?

– Ние живееме во демократија, политичките ставови може да ни се разликуваат, но она што е најважно е да ја имаме на ум благосостојбата на граѓаните и просперитетот на државата. Коалицијата е апсолутно стабилна, мнозинството е стабилно и за тоа не треба да се има дилема.

Во последниот предлог се вметнати нашите, македонски барања. Како што реков, се водам од интересот на граѓаните и напредокот на земјата. Не гледам јас на тој начин, уцена или нешто слично, мислам дека на сите им стана јасно дека уцени не проаѓаат кај мене, јас имам поинаков пристап.

И тие и други политички чинители го бараат протоколот, наведувајќи дека во него се замките. Дали имавте увид во протоколот, дали воопшто има усогласен протокол, МНР излезе со став дека повторно протекуваат неточни информации за неговата содржина. Кога јавноста ќе може да има увид во овој документ?

– Најпрво, сакам да е кристално јасно – протоколот е всушност записник од состанок меѓу министерствата за надворешни работи, билатерален документ кој не ја условува преговарачката рамка. Всушност, протоколот воопшто не е ни споменат во преговарачката рамка. Дотолку повеќе протоколот потврдува дека тој не е поврзан и не ги условува почетокот на преговорите. Од таа причина, апелирам да не се шпекулира и за содржината и за важноста на овој документ.

Она што е важно да се знае за протоколот, односно записникот, е дека тој се работи на база на реципроцитет. Ние инсистираме на тоа. Тоа значи дека обврските или задачите кои ќе си ги поставиме ние и Бугарија како две држави, билатерално, тие важат и за двете страни. Никој нема мандат да прифаќа еднострани барања ниту пак може да дејствува по нив. Реципроцитетот како принцип е основа за сѐ што се работи.

Исто така, важно е да се знае дека историските прашања се во надлежност на Историската комисија. Комисијата целосно автономно работи, ние ниту се мешаме во нивната работа ниту планираме да се мешаме. Тие си се професионалци и треба професионално и одговорно да си ја извршуваат работата, како и што го прават тоа и досега. Ние како Влада, како релевантни институции, по финализирањето на процесот кај Комисијата, го преземаме последниот чекор преку имплементација на претходно договореното.

Сакам да е совршено јасно, без наша согласност нема да се случи никаква промена. Односно  без согласност на двете страни нема да има можност да се случи никаква промена во однос на ниедна од точките кои се во протоколот односно записникот.

Затоа, сметам дека јавноста треба да е сигурна дека ние, во сите делови од процесот, се водиме од државните интереси, ја почитуваме Резолуцијата на Собранието, се грижиме нашиот идентитет и македонски јазик да се заштитени и зачувани.

 

Протестите продолжуваат, немаат официјален организатор, но се поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Деновиве минуваат мирно, одредени денови имаше инциденти и судири. Претседателот на државата изјави дека трети страни, поточно Русија ги користи за својата геополитика, руската Амбасада демантираше. Какви се вашите сознанија во моментов за евентуалните влијанија врз протестите?

– Правото на протест е загарантирано граѓанско и уставно право во една демократија како нашата. Сите ние сме учествувале на  протести, а тоа секогаш било пред сѐ затоа што сме сакале суштински промени во државата.

Треба да ни е на сите јасно дека овие протести, најпрво не се граѓански протести како што сака опозицијата да ги прикаже, тие се организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица и се апсолутно неповрзани со европскиот предлог, иако на прв поглед изгледаше така. Посочив и претходно, овие протести се гола борба за власт. Недозволиво е да се злоупотребуваат протестите за насилство и кршење, за да се повредуваат луѓе. Во само неколку кратки денови, ние имаме 50-тина повредени припадници на полицијата, од кои дел се со тешки и сериозни повреди. Легитимното право да се протестира не смее во никој случај да се претвори во насилство, а се со цел задоволување на лични интереси или интереси на трети страни, кои не седат на страна од сето ова. Ние за жал имаме парламентарна партија која се финансира однадвор и навистина не ме чуди што тие се и толку ревносни да ја загрозат стабилноста и безбедноста на нашата земја.

Искрено се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе смогнат сили и ќе најдат капацитет да ги искажат своите ставови институционално и на форуми каде имаат и обврска да го прават тоа, како што е Собранието. Доколку навистина имаат сериозни грижи како што преставуваат, а протестите не се иницирани само и единствено заради борба за да дојдат до власт, тие треба своето мислење да го искажат пред сѐ на говорница. Од 2017 наваму, ние имаме демократска Влада и вистинско демократско уредување. Сите алатки им се ставени на располагање, нешто што претходно воопшто не беше случај ниту пак се практикуваше.

Мене ми е совршено јасно зошто опозицијата е збунета и не знае да се однесува демократски, но навистина, имаа доволно години, за да изградат демократски капацитет. Имаа доволно време да решат барем едно суштински важно прашање, барем една одлука да донесат која нема да биде лесна. но ќе биде значајна за иднината на земјата. Но, тоа не го направија. Време да почнат вистински да разговараат за суштинските проблеми и да се вклучат во вистинска дискусија за стратешките цели на државата.

И вие и другите владини претставници тврдите, дека со модифицираниот француски предлог добиваме чиста формулација за македонскиот јазик во ЕУ, а дека унилатералната изјава ќе нема никакво влијание, дали е заштитен македонскиот јазик и како?

– Македонскиот јазик е чист во европскиот предлог, чист. Нема никакви фусноти, дополнувања, астерикси итн. Чист македонски јазик, директно во преговарачката рамка. Унилатералните изјави, се забелешки со кои бугарската страна изјавува нешто и ние изјавуваме нешто друго. И тука се затвора таа приказна. Правно-формално, тие едностраните изјави немаат никакво влијание врз процесот. Со таа унилатерална изјава, бугарската страна, дава забелешка дека таа, и само таа, и ниту една друга земја членка, има поинакво мислење од она кое e наведено во официјалниот документ на Европската Унија. И тоа стои како информација, која нема никакво влијание ниту на јазикот, ниту на процесот, ниту на која било точка од преговорите понатаму.

Нашиот јазик, македонскиот јазик е прекрасен јазик, специфичен, единствен. Како таков, тој ќе биде заштитен како еден од официјалните јазици на Европската Унија. И за тоа ние нема да чекаме долго, практично ќе започне процесот веднаш. Со почетокот на преговорите, сите документи на Европската Унија ќе почнат да се преведуваат на македонски јазик. Буквално сѐ што можете да замислите дека постои како документ во ЕУ, ќе биде преведен на македонски. Понатаму, откако Северна Македонија ќе стане полноправна членка, македонските граѓани ќе можат да се обраќаат до институциите на ЕУ на македонски јазик, а институциите ќе бидат должни да им одговорат, исто така, на македонски. Во Европскиот парламент, македонските претставници ќе се обраќаат на македонски јазик. Практичната потврда за ваква неоспорна употреба на македонскиот јазик ќе биде потпишувањето на договорот за Фронтекс, предвидено да се случи веднаш по одржувањето на првата меѓувладина конференција помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ и државите членки. Оттука, овој меѓународен договор меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, односно државите членки, и на македонски јазик, ќе стане дел од законодавството на ЕУ.

На овој начин, не само што ќе биде заштитен, туку македонскиот јазик ќе доживее и неверојатна промоција, со тоа што  многу земји и култури кои традиционално немаат допир со македонскиот јазик, ќе можат да се запознаат со него, а и со нашата култура, обичаи, традиција и други специфични обележја кои нѐ прават горди Македонци.

Нашиот идентитет е широка лепеза на важни елементи кои нѐ формираат како личности  – јазикот, обичаите, фолклорот, традицијата, итн., сé што ни овозможува да ја создадеме сликата за самите себе. Никакво влијание однадвор не може да го дефинира или промени идентитетот. И кога ќе сме дел од Европската Унија, она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција, ќе остане токму тоа, автентично македонско, во Европската Унија.

 

Тврдите и дека историските прашања и протоколот не се дел од преговарачката рамка, но има и поинакви толкувања дека тие се таму со поинаква терминологија, годишни мерки, упатување на членот 12 од Договорот. Како во долгиот процес на преговори, отворањето е една фаза, почеток, но преговорите може да траат со години, ќе се заштитиме од повторни и повторни условувања, постои ли механизам, гаранција?

– Мислам дека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел даде многу јасен и прецизен одговор на ова ваше прашање, па затоа и ќе го парафразирам неговиот одговор. Откако ќе почнеме со преговорите, забелешките за развојот и прогресот во процесот на преговори ќе се базираат  на мерит систем. Можноста да некоја земја членка има забелешки кои не се однесуваат директно на нашата работа секако дека постои, но нашиот гарант дека таквите барања нема да го нарушат процесот на преговори, е самата Европската Унија. Доколку Бугарија инсистира да вметне прашања кои не се однесуваат на прогресот, репутацискиот ризик кој го носи таквото однесување повлекува сосема поинакви последици внатре во Унијата.

Преговорите ќе траат со години, точно, но она што сметам дека е најважно, е во тој процес да извлечеме најмногу што можеме и да го европеизираме нашето општество во најкус можен рок. Исто како што имавме најбрза интеграција на земја членка во НАТО, така да имаме и позитивен пример за најбрза интеграција на земја членка во ЕУ. Ние сме подготвени за ЕУ, во тоа сум сигурен.

Американската амбасадорка Брнз во отвореното писмо до јавноста порача седнете на преговарачката маса, ако не бидат земени предвид вашите забелешки заминете, каде би заминале премиере?

– Поддршката од нашите најголеми сојузници и партнери како што е нашиот стратешки партнер САД е исклучително ва на, особено во периоди како овој сега. Во целиот овој процес на консултации кој се случуваше во периодот по добивањето на предлогот од тогашното француско претседателство, САД како и многупати досега покажале исклучително разбирање и на ситуацијата, но и на можностите, кои ги имаме пред нас како држава и несебично ја давале својата поддршка.

Во контекст на пораката на амбасадорката Брнз, она што сакам да го истакнам е дека ние само ние и никој друг, одлучуваме за нашата иднина. Без наша согласност не може да се случи ниту еден процес. И во тоа е убавината, важноста и посебноста на целиот процес што следи. Ние ќе ги започнеме преговорите, имајќи ја предвид неприкосновеноста на идентитетските прашања, на прашањето за македонскиот јазик и притоа кога и да е потребно да застанеме и цврсто да го браниме нашиот став во преговорите.

Ќе си дозволам да повторам дека единствената алтернатива за нас е ЕУ. Ние немаме дилеми ни илузии за некои други опции кои се контрапродуктивни. Но секако, секогаш имајќи ги на ум државните интереси и нашите црвени линии.

Во оваа насока, сакам да потенцирам дека почетокот на преговорите, а крајно и членството во ЕУ е исклучително значаен поттик за понатамошниот економски, политички, општествен развој и квалитет на живот во Северна Македонија, со високи стандарди за почитување на законите.

Почетокот на преговорите, со сигурност  ќе донесе, а тоа е докажано во сите земји кои ги започнале преговорите, подобрување на бизнис-климата, повеќе странски инвестиции, а со тоа и отворање на нови работни места. Дополнително на располагање ќе ни бидат иницијативи и програми кои ќе помогнат во еднаквиот регионален развој, модернизација на земјоделството, заштита на животната средина, инфраструктурен развој и поквалитетно образование и здравство итн.

Чисто како пример, нешто што го посочи нашиот пријател,  претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, по почетокот на преговорите, платите во Србија од просечни 300 евра, многу брзо скокнале на 600 евра, а во Белград се веќе и 900 евра просечна плата.

Почетокот на преговори преговорите веднаш ќе донесе предности, нови иницијативи кои што не треба да се пропуштаат, особено во време на економска и енергетска криза и еден од најтешките периоди кои претстои. Во такви услови, сојузништвото кое го нуди ЕУ ќе е од непроценлива вредност.

Имаме историска можност да кажеме ДА на почетокот на преговорите и да внесеме нова динамика во реформите кои ќе нѐ приближат до ЕУ, ќе донесат стабилност како и отпорност, политичка и финансиска поддршка, но и почит и лојалност од страна на ЕУ.

Ве уверувам дека ова е само првиот чекор од многуте кои ќе ни овозможат просперитет за државата и подобар квалитет на живот за сите граѓани.

 

Забелешки за предлогот имаа и невладини организации од областа на евроинтеграциите, кои дадоа поддршка за Преспанскиот договор, но не и на францускиот предлог, ги земавте ли предвид нивните забелешки?

– Граѓанското општество како и што нагласив пред некој ден, игра клучна и трансформативна улога. Нашата заедничка крајна цел европеизација на општеството, односно прифаќање на европските вредности и принципи на слобода, демократија, еднаквост како и владеењето на правото.

Оваа Влада покажа исклучителна отвореност и капацитет кога станува збор за вклученост на сите релевантни чинители во процесот на креирање политики. Секако нема да отстапиме од заложбите да ја зајакнеме улогата на граѓанскиот сектор, а и во повеќе наврати досега сме покажале дека обезбедуваме и ја гарантираме нивната вклученост во одлуките кои ги носиме.

Граѓанските организации како што знаете беа вклучени во процесот на широка консултација и во таа насока на повеќе наврати во соработка со нив, од страна на различни релевантни институции беа адресирани повеќе точки врзани со европскиот предлог. Јас верувам дека сите ние ја имаме истата цел, а тоа е креирање на најдобрите можни услови за развој на државата и општеството, и во таа насока јас сум навистина благодарен за инпутот од сите релевантни чинители, вклучително и граѓанските организации.

Во оваа прилика, би сакал повторно да нагласам дека сметам дека граѓанските организации се наш сојузник во борбата со дезинформации кои се покажаа како сериозна препрека во европските интеграции. Мора да сме сериозно спремни и отпорни, бидејќи очигледните интереси на трети страни кои едноставно не сакаат да видат прогрес во оваа држава, и преку ширење лажните вести, шпекулации и манипулации сериозно наштетуваат на овој исклучително важен процес за нашата држава.

Отворен Балкан е алтернатива на ЕУ дружбата или само олеснување во економската комуникација на соседите. Колку  таа „отвореност” може или треба да израсне над економско царинските бариери, особено ако ЕУ и натаму има специјален, би рекле отежнувачки наместо олеснувачки процес и особено што таа ЕУ кога почнавме пред 17 години и денешната се различна провокација и сигурност?

– Отворен Балкан е економска соработка и европеизација во исто време. Две огромни придобивки кои се сериозна потреба за целиот регион и за сите граѓани на земјите од регионот.

Но, Отворен Балкан не треба да се прикажува или толкува како алтернатива за која било друга политичка или економска иницијатива, а најмалку како алтернатива на ЕУ. Отворен Балкан е компатибилен со процесот на интеграции и ова го потврдија и европските лидери со свои изјави. Тоа е всушност практична имплементација на четирите европски слободи и е начин како поблиску да се поврземе со земјите од регионот и да обезбедиме забрзан економски раст и развој.

Отворен Балкан затоа можеме да го сметаме за акселератор  на нашата европска интеграција преку кој земјите од Балканот побрзо ги спроведат слободите на проток на луѓе, стоки и услуги. Отворен Балкан е атрактивен и за земјите членки на ЕУ затоа што нашите три земји се важна крстосница меѓу Црното Море и Јадранот, но и меѓу Солунското пристаниште и Балтикот. Овој начин на поврзување и интегрирање е исклучително важен за нас. На Северна Македонија и требаат и ЕУ и Отворен Балкан и НАТО и сите други сојузи и иницијативи кои го носат регионот напред.

Во Собранието во тек е расправата за ребалансот на Буџетот. Во него, според најавите, има пари за антикризни мерки. Кога овие мерки ќе почнат да се имплементираат со оглед на тоа што официјалните статистички податоци покажаа дека инфлацијата во јуни достигна 14,5 проценти?

– Новиот пакет антикризни мерки кој го најавивме во износ од околу 80 милиони евра, ќе го презентираме по носењето на ребалансот на Буџетот. Истиот содржи таргетирани мерки што ќе бидат насочени онаму каде што се најпотребни, а тоа е пред се за најранливите категории граѓани со оглед на самата природа на светската енергетска криза, од која се сите погодени, но во најголем дел граѓаните со најниски примања.

Најголем дел од мерките се очекува да бидат активни на почетокот на четвртиот квартал од годината. Сепак, динамиката на имплементација на антикризните мерки ќе зависи и од самите економски движења.

Мерки ќе има за граѓаните, но и за компаниите, како и мерки за поддршка за одржување на цените на храната на стабилно ниво. Како и до сега во услови на најголемата светска криза која ја живееме во поновата историја, владините политики се насочени кон заштита на граѓаните од ценовен шок. Во услови на раст на цената на храната, Владата обезбеди дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно да се дејствува врз цените на храната.

Со ребалансот на Буџетот се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителна поддршка и за компаниите, како и програми за поддршка на инвестициите.

Покрај буџетските средства, во услови на енергетска криза, тука се и поволните заеми од Европската банка за обнова и развој во износ од 100 милиони евра за одржување на ликвидноста на ЕСМ, која продава електрична енергија, под цената на чинење со цел спречување на ценовниот шок на регулираниот пазар, поточно станува збор за субвенционирање  на сметките за електрична енергија на домаќинствата. Дополнително, од Европската инвестициона банка на располагање се бескаматните кредити во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството во соработка со Владата.  И во услови на криза важни се капиталните инвестиции и токму затоа ја задржуваме високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарда денари капитални инвестиции, остануваат на највисокото историско ниво досега

 

Министерот за економија ветува дека нема да има рестрикции на струја, но, според сите најави, не очекува тешка зима. Има ли простор за страв дека сепак се можни рестрикции во зимскиот период?

– Рестрикции на струја нема да има. Точно е дека оваа зима ќе биде најтешка на нашата генерација, но заедно ќе ја пребродиме. Енергетската криза е голем предизвик на светско ниво, со воената агресија врз Украина дополнително се направија поместувања на пазарот, има недостиг на енергенси, повисоки цени, но ќе менаџираме успешно како и претходната година.

Државата ќе обезбеди од домашните извори, со работа на домашните капацитети поголемо производство на електрична енергија. За 2022 година планот за производството на ЕСМ  е зголемен за 20 проценти споредено со ланското производство и треба да изнесува 3.736 гигават часови и засега планот во целост  е исполнет.

Институциите континуирано следат, врз база на анализи, експертски консултации, носат мерки во интерес на граѓаните и за заштита на стандардот. Во услови на енормен раст на цената на електричната енергија на светските берзи, за заштита од ценовен шок, од 1 јули стартувавме и со  тарифната реформа за пресметка на цената на струјата. Станува збор за еден вид на праведен данок, оние кои што трошат помалку, ќе плаќаат помалку, за разлика од оние кои што трошат повеќе ќе плаќаат повеќе. Целта е да се поттикне рационално и ефикасно користењето на електричната енергија и поголемо субвенционирање на ранливите категории на домаќинства.

За 98,8 проценти од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 проценти. Ако не беа воведени блоковите, оваа цена ќе беше зголемена за 17,74 проценти. Евтината тарифа останува од 22 часот до 7 часот наутро, а блок тарифите важат само за скапата струја. Тарифниот систем е правопропорционално димензиониран во корист на потрошувачите. Она што е многу важно е да штедиме енергија, тоа важи за сите чинители во општеството, институции, домаќинства, организации се со цел да бидеме рационални во услови на светски недостиг и раст на цените на електричната енергија.

Владата засилено работи на мерки и проекти во делот на енергетиката за зголемување на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Енергетското поврзување со регионот, изградбата на нови интерконектори за природен гас со соседните земји ќе значи диверзификција на изворите со снабдување со енергенси и помала зависност од еден извор на снабдување.

Регулаторната комисија за енергетика и ја одзема лиценцата на БЕГ со што граѓаните се оставени во неизвесност дали престојната зима ќе имаат парно греење. Дали се преземаат некакви чекори на овој план?

– Веќе се преземаат чекори, граѓаните секако ќе имаат парно греење. Поточно, во врска со снабдувањето со топлинска енергија во Градот Скопје, откако Регулаторната комисија за енергетика ги одзеде лиценците на БЕГ, по завршување на законските процедури ќе биде објавен јавен повик за избор на компанија која што ќе ја преземе обврската за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во главниот град.

Оттука, согласно Законот за енергетика, а на предлог на Министерството за економија и Регулаторна комисија за енергетика, Владата ќе спроведе постапка за избор на вршител на енергетска дејност.

Нов вршител треба да се избере за период не подолг од 90 дена од денот по приемот на известувањето од Регулаторната комисија за енергетика.

Верувам дека сите постапки и процедури ќе бидат завршени, навремено и во рок се со цел грејната сезона да започне согласно планот.

Граѓаните знаат дека и минатата година и покрај сите предизвици, државата преку ЕСМ го презеде работењето на БЕГ се со цел граѓаните да имаат топли радијатори. Сите механизми кои ни стојат на располагање ќе бидат искористени во интерес на граѓаните.

Back to top button
Close