Ковачевски: Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава значи негување на сите вредности


Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава значи негување на сите вредности по кои духовниот и интелектуалниот творец на идејата за српската државотворност ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори. Основоположникот и првиот архиепископ на Српската православна црква, Св. Сава учеше на трпеливост, помирување меѓу луѓето, ширење на љубов и почит кај народот. Неговото учење се засноваше на вера и вистина, истакна вечерва премиерот Димитар Ковачевски на Светосавската академија, по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот ден на српската заедница.

Премиерот на своето обраќање рече дека наследството на Свети Сава не е мало, бидејќи вредностите за кои се бореше и ги застапуваше тој и неговото учење за почит кон другите и избор на мирот пред конфликтот, денес е аманет и за сите народи кои денес живеат пошироко од границите на неговата матична држава, Србија. Аманет за сите народи кои водејќи се од принципите на добрососедство и соживот, избираат да градат мир, взаемна доверба и меѓусебна соработка.

– Токму затоа сме денес овде. Да ги негуваме тие вредности кои во светот нѐ истакнаа да бидеме препознатливи по почитувањето на културните вредности на сите народи кои живеат овде. Мултикултурализмот е наш посебен белег низ вековите, со помош на кој денес ги уживаме благодетите на мир и сожителство, трасирајќи стабилна иднина и за следните поколенија, нагласи Ковачевски.

Додаде дека заедничка иднина зависи од сите нас. Без разлика колку и да сме различни, сепак, имаме една цел кон која сите се стремиме – просперитетен, отворен и современ Балкан, ослободен од предрасуди, омраза и непријателства.

– Нашите врати, вратите на Република Северна Македонија секогаш ќе бидат отворени за сите народи кои се пријателски, а еден од тие народи е и нашиот братски, српски народ. Да градиме пријателства, да градиме мир во нашите држави и во нашето соседство, а преку тоа да придонесуваме и кон мирот во светот.

Српскиот вицепремиер и министер за одбрана Милош Вучевиќ, во своето обраќање рече дека Свети Сава не припаѓа само на Србите, тој припаѓа на сите луѓе со добра волја, Свети Сава припаѓа на сите христијани, неговото дело е надвременско, таа и денеска не инспирира. Тој се осврна и на билатералните односи помеѓу двете земји и поврзаноста на соседските народи.

– Србија недвосмислено и силно е посветена на зачувување на политиката за мир, зачувување на слободниот дух, да живее братски и со љубов, и меѓусебно и со другите народи, да бидеме посветени на просперитетот на својот народ, да изгради подобра и посигурна иднина за своите потомци. Република Србија придава исклучиво значење на унапредувањето на билатералните односи со Република Северна Македонија како добри соседи и пријатели, а јас би рекол и повеќе од тоа. Заедно ја покренавме иницијативата за Отворен Балкан, го решивме повеќедецениското прашање помеѓу двете цркви што додатно ги зближи нашите братски народи, затоа што е добро и благородно сето тоа што не спојува, истакна Вучевиќ.

Тој им порача на Србите од земјава да ја сакаат и почитуваат Северна Македонија исто како што ја сакаат и Србија.

– И како што ја сакате и почитувате вашата држава Македонија, така сакајте ја својата матична Србија и како што говорите и треба да знаете македонски јазик и да пишувате македонско писмо, секаде и секогаш не заборавајте да говорите на српски јазик и да го знаете српското писмо, порача српскиот вицепремиер и министер за одбрана.

На свеченоста присуствуваа и други високи претставници на Владата и опозицијата, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политички партии, граѓански организации, здруженија, како и бројни гости од земјава и од странство.

Back to top button
Close