Ковачевски: Поддршка на сестрински партии не е непозната, но учеството на партии од други држави би претставувало непосакувана динамика

Изјавата на премиерот следува откако претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, вчера на отворањето на заедничките канцеларии на коалицијата „Европски сојуз за промени“, информира дека на опозициските партии на Албанците им се приклучила уште една партија, а тоа е движењето Самоопределување

Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави, вели премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи ја најавата дека движењето Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти ќе учествува на парламентарните избори во земјава.

Сепак, оцени дека учеството на политички партии од соседството во изборниот процес на нашата држава може да предизвика и партии од други држави да бидат дел од изборите во земјава, што, како што вели, би претставувало не толку посакувана динамика.

“Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави, но јас досега немам видено партии од други држави да учествуваат во изборен процес во друга држава. Не знам како точно е пренесена изјавата на еден од претседателите на партиите во опозицискиот блок, треба да се види на што точно се мисли. Треба да се провери на кој начин тие би учествувале, како и на што точно се мисли. Треба да се провери и Изборниот законик, како и регистрирањето на партиите“вели Ковачевски.

Изјавата на премиерот следува откако претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, вчера на отворањето на заедничките канцеларии на коалицијата „Европски сојуз за промени“, информира дека на опозициските партии на Албанците им се приклучила уште една партија, а тоа е движењето Самоопределување.

Меџити посочи дека заедно се работи на изборната програма, кампањата ќе биде заедничка и на изборните листи на оваа коалиција ќе има претставници на Самоопределување.

Партијата на Курти на изборните листи во Македонија, како поддршка на Европскиот сојуз за промени

Во изјава за „360 степени“, Меџити денеска појасни дека претставници на движењето Самоопределување ќе бидат на заедничките листи како поединци, не како партија. Според него, советникот на Албин Курти за Македонија, Беким Ќоку, на пример, е стружанец, тој е македонски државјанин и порано бил пратеник во Собранието, така што ништо не го спречува да се најде на кандидатска листа за пратеник.

Back to top button
Close