Ковачевски: Прашањето околу изборите веќе е апсолвирано, тие ќе бидат во својот редовен термин

Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека е можно повторно да има лидерска средба на која ќе учествуваат сите лидери на партиите, со оглед на тоа што одлуките за свикување на избори се носат со консенсуз, но останува на ставот дека сега имаме поважен процес во државата од изборите, а тоа е носење на одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Ковачевски потенцираше дека прашањето околу изборите веќе е апсолвирано, тие ќе бидат во својот редовен термин.

-Ние можеме уште во понеделник да закажеме седница на Собранието на која ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат предвремени парламентарни избори. Исто така, на маса е и друг предлог, а тоа е да се почне процесот на уставните измени. ВМРО ДПМНЕ да биде дел од Владата како што бараа, и притоа да биде завршен скринингот, да се отворат поглавјата од првиот кластер, да затвориме едно или две поглавја и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори, што секако би претставувало некаков договор во однос на најважното прашање кое го имаме за граѓаните и за државата, рече Ковачевски на денешната прес-конференција во Гранада, одговорајќи на новинарско прашање за барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба на која би се утврдил датумот за одржување на предвремени парламентарни избори.

Се друго, според премиерот, е разговор на теми кои му значат само на некого што сака без политичка програма да дојде на власт.

Back to top button
Close