Ковачевски рече дека Миликије Халими е предложена за директорка на „Аеродроми“ врз основа на универзитетска диплома
„Миликије Халими е предложена и избрана за директорка на јавното претпријатие за аеродромски услуги врз основа на универзитетска диплома што ја приложила“.
Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски за Халими која во 2017 година стана првата жена градоначалник на општина Арачиново.
Таа по завршувањето на градоначалничкиот мандат со средно медицинско училиште, конкурираше и беше избрана за инспекторка во Царинската управа, а минатата сабота јавно на социјалните мрежи се заблагодари на СДСМ за довербата да раководи со „Аеродроми“.
„Таа е избрана од страна на надзорниот одбор и врз основа на критериуми што ги има јавното претпријатие за аеродромски услуги, кое, сепак, е едно мало претпријатие и врз основа на универзитетската диплома што ја има таму поднесено. Таа е предлог на Владата врз основа на универзитетската диплома што ја има и која ја имаат и други функционери што извршуваат пратенички функции“, рече премиерот Ковачевски.
Назначувањето на Халими за директорка предизвика лавина реакции во јавноста.
Стигнаа и обвинувања за владејачката партија дека ги изневерила сите идеали на шарената револуција, која му помогна на СДСМ да дојде на власт.