Ковачевски: Северна Македонија практикува европски вредности и немаме сомнеж дека одиме по исправниот пат

Владата на Северна Македонија и јас во наредниот  период ќе вложиме максимални напори за успешна реализација на сите потребни активности со цел натамошно динамизирање на нашиот пристапен процес во ЕУ, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по одржувањето на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во Скопје, на која зборуваа и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на ЕК Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.

Ковачевски изрази задоволство од интересот на ЕУ за задржување на фокусот кон регионот и неговата европска перспектива и оти го почитуваме препознавањето на Северна Македонија како фактор на стабилноста, безбедноста и евроатлантските перспективи на целиот Западен Балкан што е од стратешко значење и за цела Европа. 

На Делфи економскиот форум, денеска премиерот Ковачевски ќе оствари работни состаноци со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски пр

Ова е првпат состанок на Совет за стабилизација и асоцијација да се одржува во земјата аспирант за влез во ЕУ. Ковачевски кажа дека му е чест што денеска е домаќин на 16. Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација којшто за првпат се одржува во нашата земја со што има и историска димензија. Состанокот се случува откако лани во јули ги отворивме преговорите со Унијата по 17 години кандидатски статус.

-Денес со европските партнери имавме можност да направиме пресек на состојбите, да го утврдиме направениот прогрес на земјата, како и спроведените реформи во подготовката за нашето членство во Унијата. Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од ЕУ со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции за динамичен преговарачки процес и за полноправно членство во ЕУ, рече премиерот Ковачевски.  

Според премиерот, на состанокот е поздравен нашиот силен фокус кон реформите и усогласувањето на законите и праксите со европските стандарди, а поздравени се и политиките на добрососедство што ги водиме, како што рече, „преку зрел и одговорен пристап базиран на меѓусебно почитување и дијалог со отфрлување на популизмот како штетен на овие искрени намери и провоциран од трети страни кои немаат добри намери за европерспективите на Западен Балкан“.

-Северна Македонија практикува европски вредности и немаме сомнеж дека одиме по исправниот европски пат, истакна Ковачевски.  

Работата на Владата, според премиерот, е поставена на линија на европската агенда.

-Јас и сите ние во Владата веруваме дека РСМ во моментов има политички капацитети коишто можат да придонесат по успешно завршениот скрининг процес во ноември со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и во 2030 година да станеме земја – членка на ЕУ. Имаме уверување од ЕУ дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија, рече Ковачевски.  

Во делот на реформите, потенцира тој, Владата е подготвена да работи и заедно со европските партнери на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото.  

-Во ЕУ како и за земјите претенденти за членство вклучително и за нас клучни се поглавјата 23 – Судство и фундаментални права и 24 – Правда, слобода и безбедност.  На состанокот се согласивме дека во делот на правото мора да има независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судските авторитети и затоа заеднички ги охрабруваме правосудните органи за видлив напредок на овој план што е очекување и потреба пред се на граѓаните на нашата држава, рече Ковачевски.  

На прес-конференцијата тој истакна дека РСМ направи јасен стратешки избор кога се постави целосно и недвосмислено на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ што е оценето како посебно важно во новиот геополитички контекст и војната на европскиот континент поради руската воена агресија на Украина.

-Високо се цени и нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година со што Северна Македонија активно придонесува за мирот и стабилноста во предизвикувачкиот глобален контекст. Потврда за тоа е и што утре преговорите помеѓу Србија и Косово ќе се одвиваат токму во нашата држава, рече премиерот Ковачевски.  

Советот за стабилизација и асоцијација, додаде тој, го поздрави и склучениот договор со ФРОНТЕКС за што потсети дека е прв договор потпишан на македонски јазик и сите други јазици на ЕУ помеѓу Северна Македонија и ЕУ.  

-Заедно со земјите членки на ЕУ ќе учествуваме во оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС во Северна Македонија и ова е само еден пример што значи почетокот на преговорите со ЕУ, а што донесе исто така и европска финансиска поддршка за нашата држава во услови на глобална криза во висина од 80 милиони евра неповратни финансиски средства, 100 милиони евра макрофинансиска помош со поволна каматна стапка, како и над 50 милиони евра помош за инвестиции во инфраструктурата, рече Ковачевски.

Како што соопшти Владата, на денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје се разговарало за прашања од значење на Процесот за стабилизација и асицијација, како што се усогласувањето со европското законодавство, билатералните односи во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за актуелни прашања за политичкиот контекст во регионот и во Европа.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close