Ковачевски – Шаленберг: Силна поддршка од Австрија, заслужен е исчекорот кон ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со австрискиот сојузен министер за Европа и надворешни работи Александер Шаленберг,  кој изрази силна поддршка на Австрија за развојот на нашата држава и за исчекор во евроинтеграциите.

Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата Шаленберг ја пренесе благодарноста за навремените реакции на земјава и целосната усогласеност со политиките на ЕУ во врска со руската агресија во Украина.

Премиерот Ковачевски, од своја страна нагласи дека Австрија е традиционален и искрен пријател на Северна Македонија, меѓу најголемите инвеститори во земјава и голем поддржувач во евроаспирациите на државата, за што изрази и благодарност.

 

– Посветени сме кон практикување европски вредности, нашето законодавство е 45 проценти веќе усогласено со европските регулативи, посветени сме на принципиелен развој на добрососедски односи и оправдано оценуваме дека Северна Македонија заслужува исчекор во евроинтеграциите, рече премиерот Ковачевски.

На средбата, заеднички е констатирано дека секоја држава треба да цели кон својот развој, но и кон развојот на своите соседи, бидејќи на тој начин е возможен вистински напредок на регионот.

Премиерот Ковачевски ја истакна како историски моментум за нашата земја, одлуката на вселенскиот патријарх, г.г. Вартоломеј и на Светиот синод на Вселенската патријаршија, со којашто практично, нашата Црква, МПЦ-ОА, после седумдецениска изолација е признаена како канонска црква.

 

На состанокот е разговарано и за повеќе актуелни прашања поврзани со последиците од војната во Украина, како што се снабдувањето со енергенси и храна.

Посочено е дека економската соработка помеѓу Северна Македонија и Австрија е добра, но дека постои простор за унапредување во областа на земјоделството, стои во соопштението.

Back to top button
Close