Ковачевски: Шпекулациите од минатата недела ја зголемија побарувачката на горивата за петпати, но состојбата е стабилизирана

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција истакна дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјава е стабилно и дека повеќе нема метежи пред бензинските пумпи, што беше случај во текот на минатата недела.

Тој истакна и дека поради шпекулациите што се ширеле меѓу граѓаните потрошувачката на гориво во земјава се зголемила за петпати.

„Шпекулациите на кои граѓаните беа изложени минатата недела предизвикаа зголемена потрошувачка на горивата. За петпати беше зголемена побарувачката, а дел од малите продавачи на гориво ги намалија количините што ги продаваа, со цел количините кои ги имаат да ги зачуваат и да ги продадат по поголема сума, по покачувањето кое беше евидентно поради светската криза – истакна Ковачевски.

Премиерот додаде и дека зголемената продажба на гориво била поттикната и од државјани од соседните земји.

 

„Имаше зголемена продажба, односно продажба на горива на странски државјани бидејќи ги покачивме цените подоцна во однос на соседните земји, што може да се види во пограничните градови во државата. Сепак, повеќе нема метежи и снабдувањето со нафта и нафтени деривати е стабилизирано и нема никаков застој -нагласи Ковачевски, кој додаде и дека снабдувањето со нафта во земјава се врши од Грција.

Во однос, пак, на нафтоводот кој е во земјава, а не е во функција, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека се работи на тоа, како и на методологијата на утврдување на цените, што ќе зависи од трошоците кои ќе бидат потребни да се обезбедат за негово функционирање.

 

 

 

Back to top button
Close