Ковачевски – Шулц: Обединетоста околу социјалдемократската платформа е влог во просперитетната иднина на земјата и регионот


Политиките што ги носи оваа Влада, кои се темелат врз социјалдемократските постулати, резултираа со развој и унапредување на демократијата, владеење на правото и унапредување на човековите права и слободи. Резултат на овие политики е и исполнувањето на стратешката цел – членство во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ, оценија денеска на средба во Скопје премиерот Димитар Ковачевски и Мартин Шулц, претседател на фондацијата „Фридрих Еберт” и поранешен претседател на Европскиот парламент.

– На средбата, на која беше разговарано за севкупните активности на Фондацијата во регионот и во Република Северна Македонија, како и за актуелните случувања во земјава, Ковачевски го информираше Шулц за предизвиците со кои се соочува Владата во евроинтеграцискиот процес и изрази благодарност за силната поддршка од Европската Унија за отпочнување на пристапните преговори и за најголемата придобивка за која се изборивме – целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет, соопшти владината прес-служба.

На средбата е разговарано и за актуелната економска и енергетска криза и нејзиното надминување, како и за политичката клима во земјава пред отпочнување на собраниската процедура за уставните измени.

– Претседателот на фондацијата „Фридрих Еберт”, Мартин Шулц, го изрази своето силно уверување дека негувањето на социјалдемократските вредности и вложувањето во заштитата, почитта и сигурноста на граѓаните се сериозна инвестиција во демократска и просперитетна иднина. Тој ја истакна важноста од постоење една силна социјалдемократска платформа во регионот која ќе го гарантира обединувањето околу вистинските демократски вредности, се наведува во соопштението.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за придонесот од фондацијата „Фридрих Еберт” за европските интеграции, унапредувањето на политичкиот дијалог на Северна Македонија и, како што посочува прес-службата на Владата, изразил уверување дека со континуирана и посветена работа и носење храбри одлуки ќе се обезбеди посигурна иднина.

Back to top button
Close