Ковачевски: Со Албанија ќе се гради инфраструктура за природен гас и обновливи енергии

И јас и Еди имаме заедничка цврста политичка волја за развој на соработката, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Еди Рама. Премиерот додаде дека двајцата знаат што значи храбро и одговорно лидерство базирано на европските вредности, па затоа Северна Македонија и Албанија денес се заедно на европскиот пат.

Според Ковачевски, Северна Македонија и Албанија се вистински пример за тоа како се градат добрососедски односи и во клучни моменти за светот, двете земји заеднички придонесуваат за мирот и безбедноста во Западен Балкан, а со тоа и на Европа.

-Денес, ги надминуваме актуелните предизвици од глобалната економско – енергерска криза солидарно, како рамноправни членки на НАТО и партнери на САД, во рамки на иницијативата Отворен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес и низ унапредувањето на билатералните односи. Денес ги поставуваме основите за тоа како ќе ги развиваме нашите две земји додека заеднички чекориме на европскиот пат, за тоа како да ги направиме нашите држави подобро место за живеење, да дадеме потврда дека посветено работиме, но и да дадеме надеж дека утре ќе биде подобро. Од оваа криза ќе излеземе заеднички, солидарно, и никој нема да биде оставен сам, изјави Ковачевски.

Тој се осврна на меморандумите потпишани на денешната втора седница меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Албанија.

-Секако, посебен фокус има кон енергетиката кон којашто е свртено и вниманието на светот.  За да обезбедиме стабилни и одржливи извори на енергија потпишавме Меморандум за соработка во секторот за енергија. Со ова, создадовме рамка за подготовка и реализација на заеднички енергетски проекти, коишто главно се однесуваат на инфраструктурата за природен гас и за обновливите енергии. Ние денес, но и во идниот период имаме уникатна можност да ја придвижиме енергетската трансформација ја започнавме, наведе Ковачевски.

Тој додаде дека со добро поставена визија, земјата веќе инвестира во индустриите на иднината кои покрај тоа што ќе обезбедат енергетска независност, ќе отворат и можност за повеќе и подобро платени работни места за граѓаните.

-Како и што кажав, оваа криза за нас и е и можност, за иновација, за развој, можност да ја претвориме земјата, во хаб на зелена енергија која понатаму, со добар план и стратегија може да го снабдува и регионот но и континентот со енергија добиена од обновливи извори. Северна Македонија има ресурси. Има сонце, вода, плодна почва. Наша обврска е да ги искористиме тие ресурси разумно и да обезбедиме подобра иднина за нашите граѓани. И тоа е нешто што е навистина вредно за размислување, но за преземање вистински чекори, истакна премиерот.

 

Back to top button
Close