Ковачевски: Со неодобрување на преговарачката рамка, Скопје и Тирана губат драгоцено време

Нема поголема и поефикасна одлука за зајакнување на стабилноста на регионот на Југоисточна Европа од отворањето на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија овој јуни под француското претседателство без никакво натамошно одлагање, истакна во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа што се одржува денеска во Солун.

Ковачевски подвлече дека поради неодобрувањето на преговарачката рамка, Северна Македонија и Албанија губат драгоцено време, а тоа значи и зајакнување на интересот на трети страни во регионот.

Ковачевски потсети дека интеграцијата во ЕУ е една од главните стратешки цели на Северна Македонија, оти нашето законодавство е околу 45 отсто усогласено со законодавството на ЕУ, како и тоа дека државава покажала дека е доверлив партнер и бараме и дека работиме неуморно на решенија кои ќе го укинат ветото што го кочи процесот на проширување на ЕУ.

– Ние сме должни како Влада да најдеме брзо, но не избрзано решение кое ќе го чува нашиот идентитет и јазик и ќе се заснова на европските вредности, имајќи го предвид достоинството на нашите граѓани. Постојано покажуваме дека Северна Македонија е земја на пријателство и соживот, преку примерот на нашата функционална демократија. Ова се нашите автентични карактеристики. Така светот не препознава денес. Градиме пријателства. Посветени сме на изнаоѓање заемно прифатливи решенија. Во тој дух и на тој начин, Северна Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ. И додека навлегуваме во четвртиот месец од војната во Украина, сега сите можеме да се согласиме дека проширувањето на ЕУ со Северна Македонија и Албанија не е само прашање на проширување, туку пред се е прашање на заеднички стратегиски ангажман и безбедносно прашање. Интеграцијата во овој нов контекст значи заедничка заложба за градење силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократските и цивилизациски вредности, рече Ковачевски.

Во обраќањето Ковачевски потенцираше дека трите клучни приоритети за нашата земја во овој период на најголема Светска криза по Втората Светска војна, се реализацијата на енергетските проекти, регионалната соработка, како и од неопходноста од интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Во однос на светската енергетска криза и растот на цените како резултат на воената агресија врз Украина, тој посочи дека глобалните последици кои ги чувствува целиот свет бараат итна заедничка координација преку платформи како што е ПСЈИЕ.

– Постои чувство на итност за натамошна заедничка координација со цел веднаш да одговориме на заедничките предизвици преку корисни платформи како што е ПСЈИЕ, но и во синергија со ЕУ. Во тој поглед, ја поздравивме подготвеноста на ЕУ да ги вклучи земјите од Западен Балкан во заедничката платформа за купување гас, со цел диверзификација на енергетските резерви, најмногу испораките на гас и зајакнување на енергетската безбедност. Северна Македонија е посветена на зголемување на енергетската диверзификација и независност за поддршка на нашата национална безбедност, а со тоа ќе ги спречи влијанијата од климатските промени, рече Ковачевски.

Во таа насока, додаде тој, Северна Македонија започна значајни проекти за енергетска транзиција и инвестиции во обновлива енергија.

Во однос на важноста на регионалната соработка премиерот Ковачевски подвлече дека Северна Македонија е целосно посветена на регионалната интеграција преку политички, економски и безбедносни иницијативи и целосно ја поддржуваме поблиската економска интеграција. Во тој контекст Ковачевски дискутираше и за важноста од имплементација на Стратегијата ЈИЕ 2030 усвоена минатата година во Анталија.

– Можности за унапредување на регионална соработка има и во рамки на Берлинскиот процес и иницијативата Отворен Балкан. На Самитот на Отворен Балкан бев домаќин оваа среда во Охрид заедно со претседателот Вучиќ и премиерот Рама, а се приклучија и премиерот Абазовиќ и претседавачот на советот на министри на Босна и Херцеговина Тегелтија. И покрај тоа што се разновидни по својот состав и содржина, сепак, сите овие иницијативи се стремат да ни овозможат поголем економски раст што е клучен предуслов за стабилност и просперитет. Отворен Балкан ни обезбеди платформа да разговараме меѓу себе, форум за да се договориме за заеднички проекти и средства за дејствување за подобрување на нашата заедничка иднина, потсети Ковачевски.

 

Тој истакна дека Иницијативата е практична имплементација на 4-те слободи на ЕУ и оти веруваме дека отстранувањето на бариерите што го ограничуваат регионалното слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги има голем потенцијал за економски заживување на регионот и за понатамошна подготовка за идна интеграција во заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ.

 

– Отворен Балкан е одлична иницијатива но не е, не се стреми да биде, ниту може да биде алтернатива на ЕУ, рече Ковачевски.

 

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите на државите и владите на земјите членки во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСИЈЕ) денеска во Солун, учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. На самитот со премиерот Ковачевски присуствуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Со Самитот претседаваше премиерот на Грција, Кирјaкос Мицотакис, а на високо ниво учествуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

Back to top button
Close