Ковачевски со порака за дистанцирање на политиката од верата
Повикот на коалицијата на Алтернатива, Демократско движење и Беса до МПЦ-ОА за отстранување на верското обележје од комплексот, Ковачевски го оцени како подгревање на националните, верските и другите чувства на граѓаните. Вели дека ова го прават оние што немаат сработено ништо во изминатите две години од локалните избори и посочи на актуелната локална власт во Општина Тетово
Политиката да ги тргне рацете од верата – порача денеска премиерот Димитар Ковачевски по бурните политички реакции и обвинувања во врска со поставувањето на 15-метарскиот крст на земјиште на манастрискиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка.
„Ние сме секуларна држава и секој граѓанин има право да ја практикува верата којашто е негова, без разлика на која религија припаѓа, и нашата држава е докажана како мултиетничка и мултирелигиозна држава во која се почитуваат сите права“,изјави Ковачевски.
Повикот на коалицијата на Алтернатива, Демократско движење и Беса до МПЦ-ОА за отстранување на верското обележје од комплексот, Ковачевски го оцени како подгревање на националните, верските и другите чувства на граѓаните. Вели дека ова го прават оние што немаат сработено ништо во изминатите две години од локалните избори и посочи на актуелната локална власт во Општина Тетово.
„Во државата постојат политичари, пред сè тука мислам на опозицијата којашто во моментот го води градот Тетово, која во немање простор и проекти реално да покаже на граѓаните што има направено, а веќе гледате дека поминаа две години од локалните избори, единствено што им останува е да подгреваат национални, верски и други чувства на граѓаните. И затоа уште еднаш повторувам – политиката треба да ги тргне рацете од верата“ рече премиерот.
Ковачевски додаде дека сите спорови што произлегуваат во однос на какви било градежни објекти треба да бидат решавани согласно законот, но со почитување на секуларноста на државата и потребата за верско изразување на сите граѓани, независно на која религија припаѓаат.
Да не се поткреваат меѓуетнички тензии викендов порача и претседателот Стево Пендаровски и посочи дека тоа е последната работа шти ни треба покрај сите други проблеми.
Крстот на Попова Шапка ја подгреа политичката реторика, апели истото да не се случи и со меѓуетничките односи.