Ковачевски: Со стратешките инвестициски проекти ќе добиеме поголеми количини на електрична енергија произведена во Македонија

Со законските решенија за стратешките инвестициски проекти ќе добиеме многу поголеми количини на електрична енергија која ќе биде произведена во Македонија, за разлика од сега кога имаме електрична енергија произведена во капацитети од 1984 година. Ова денеска на прес-конференција по посетата на винарница во околината на Скопје го рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, коментирајќи ги четирите закони за стратешки инвестиции за кои од денеска се на комисиска расправа во Собранието за носење по скратена постапка.

Според него, експертската јавност е поделена по прашањето за стратешките проекти, но и дека политичките партии имаат неконзистентни ставови по ова прашање.

„Се работи за стратешки инвестиции кои во моментов во нашата држава не постојат. Дел од експертите се практично за вакви стратешки проекти, дел од нив се против. Политичките партии имаат мислења кои се неконзистентни. На пример, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за еден од проектите, односно за штипскиот проект вели дека е против, а градоначалникот на Штип кој е од редовите на истата партија заедно со претставници на компанијата одеше на самото место и велеше дека е одличен проект“вели Ковачевски.

Вели дека во целиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година во државата биле изградени 16 мегавати обновливи извори на енергија и го спореди својот мандат од две години, кога посочи дека биле изградени 600 мегавати обновливи извори на енергија.

„За мандатот на владата на СДСМ се изградени 900 мегавати обновливи извори што е повеќе од вкупниот капацитет на РЕК ‘Битола’“вели тој.

Парламентарната расправа треба да се води на стручно ниво, посочи Ковачевски, а за поднесените 40 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека се дел од демократската расправа и како што рече треба да се слушнат мислењата на експертите за да се дојде до решение кое е најдобро.

„Законски решенија кои што се однесуваат на стратешки инвестиции ниту се догма, ниту аксиома, меѓутоа потребни и се на државата со оглед на тоа дека не сакаме да ни се повторуваат сценарија како во енергетската криза кога зависиме од капацитети за електрична енергија стари по 45 години“рече претседателот на СДСМ.

Ковачевски рече дека ги почитува мислењата и теоретското знаење на дел од експертите, но дека некои од нив не направиле ништо во текот на своите кариери кои може да ни даде за право дека имаат идеја или визија што треба да се прави.

„Го почитувам секој експерт, го почитувам нивното знаење, но дел од нив не покажале дека нешто направиле во своите долги кариери од 3-4 декади. Сепак, ви кажувам дека го почитувам нивното теоретско знаење бидејќи добар дел од нив ништо не покажале“изјави Ковачевски.

Back to top button
Close