Ковачевски: Струјата пониска за малите и средните претпријатија за 20 проценти, пониски сметки и за домаќинствата од првиот и вториот блок

Политиките на Владата и искусниот тим кој работеше на надминување на предизвиците со енергетската криза имаат видливи резултати. Граѓаните се уверија дека Владата нема да дозволи ценовен шок за населението и за малите потрошувачи на електрична енергија, што се потврди со цените на струјата што денеска ги соопшти Регулаторната комисија за енергетика, порача вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

Во интервју за Македонска радио телевизија (МРТ) посочи дека од 1 јануари, цената на електрична енергија кај домаќинствата за првиот и вториот блок се намалува, а само ќе се зголеми цената на третиот и четвртиот блок.

-Во четвртиот блок има зголемување на цената, но таму се граѓани и семејства кои трошат поголеми количини на енергија, кои загреваат поголеми површини, дел од нив загреваат и базени во текот на зимскиот период. Тие можат да си дозволат да имаат таква потрошувачка, рече премиерот Ковачевски.

Намалување на цената за 20,15 отсто, како што кажа, има за малите потрошувачи на електрична енергија, односно за 72.000 мали и средни претпријатија кои вработуваат 98 отсто од работниците во земјава.

-Ова е најдобра потврда за тоа што го зборувавме во текот на изминатите единаесет месеци од мандатот на оваа Влада. Во мојот Кабинет ангажирав советници со големо искуство во делот на енергетиката, работиме домаќински, со план, со знаење. Со напорите кои ги направија сите институции вклучително Министерството за економија, Министерството за финансии, вицепремиерот за економски прашања, раководството на државните компании од електроенергетскиот сектор и приватните компании, пред сè мислам на ЕВН, се потврди дека може на граѓаните да им се испорача тоа што им е ветено, а ние ветивме дека нема да има ценовен шок за граѓаните посочи Ковачевски.

Најави дека и во 2023 година ќе продолжат субвенциите за справување со економската и енергетската криза, за што, како што рече, во Буџетот има одвоено 250 милиони евра.

-Најголем дел од тие финансиски средства се за субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, за средните и основните училишта. Исто така тука се и индустриските капацитети кои работат на производство на основни прехранбени производи, а целта ни беше да го смириме порастот и да ги намалиме цените на основните прехранбени производи на пазарот, што и се случува во маркетите, истакна Ковачевски.

За субвенциите кои ги пишува во сметките за струја рече дека се можност граѓаните да имаат увид каде се трошат парите од Буџетот, но и дека се поттик за граѓаните за уште поголемо штедење.

-Секое поголемо штедење на електрична енергија значи и помала потреба за субвенција од страна на Владата. Во изминатите месеци откако ги воведовме препораките за штедење на електрична енергија институциите и министерствата во надлежност на Владата имаа во просек 20 отсто заштеда на електрична енергија. Домаќинствата во скапа тарифа со воведувањето на блоковите и со воведувањето на ваков тип на информации во однос на заштедата на електрична енергија имаат остварено заштеда од 16,5 отсто во однос на минатата година, нагласи премиерот Ковачевски во интервјуто за МРТ.

Back to top button
Close