Ковачевски: Тие што фрлаа молотови коктели да им се извинат на Османи и на Маричиќ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на свеченото одбележување на почетокот на „Заедничката операција на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија“, како дел од договорот за оперативни активности спроведени од страна на Aгенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС.

Во денешното обраќање премиерот рече сите што го критикувале договорот ФРОНТЕКС, што фрлале молотови коктели врз Владата да им се извинеле на Маричиќ и на Османи.

„Во оваа прилика сакам да го поздравам и штотуку пристигна вицепремиерот за европски прашања г- динот Маричиќ, тоа што тој го зборуваше минатата година во јули заедно со мене, заедно со министерот за надворешни работи, се потврди дека било вистина и дека договорот ФРОНТЕКС и ќе биде потпишан и ќе биде имплементиран. Останува на оние кои што критикуваа, кои што фрлаа молотови коктели врз Собранието, врз Владата, врз МНР, во најмала рака на него и на министерот за надворешни работи да им се извинат“, кажа Ковачевски.

„Со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и неговата ратификација, статусот на македонскиот стандарден јазик се издигнува на рамноправно рамниште со сите други јазици кои се зборуваат во Европската унија, а нашата култура, јазик и идентитет, се признати и препознаени и во меѓународни рамки. На овој начин, македонскиот јазик и идентитет се неприкосновени и втемелени во европското законодавство.

За нас ФРОНТЕКС значи заштита на нашите граници, значи заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, значи навремен одговор за сите безбедносни ризици по нашата земја, значи безбедност и мирен сон за нашите деца, значи контрола на миграциските движења, значи справување со меѓународниот криминал, значи признавање на нашите цврсти заложби за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат, значи можности за примена на професионални европски стандарди и зачувување на меѓународниот мир и безбедност“, додаде премиерот во денешното обраќање.

Back to top button
Close