Ковачевски: Укинувањето на прогресивниот данок е за 2023, тоа не значи дека се откажуваме од овој модел во целост

Укинувањето на прогресивниот данок е за 2023 година и тоа не значи дека се откажуваме од овој модел во целост, консултациите ќе продолжат и во иднина, открива премиерот Димитар Ковачевски за МИА.

Во интервјуто за МИА, премиерот појаснува дека одлуката за укинување на прогресивниот данок којшто требаше да стапи на сила од 1 јануари е донесена врз основа на бројни анализи и консултации со сите чинители кои покажале дека прогресивниот данок не ги дава бараните резултати како модел.

– Со самиот факт дека праведноста е еден од основните принципи на новиот даночен систем, ние во наредниот период ќе разгледуваме опции за нов модел кој ќе биде во насока да се опфатат сите приходи во едно домаќинство, односно да се земаат во предвид вкупните примања на семејството, а не само платата на еден член, открива Ковачевски.

Во однос на очекуваното намалување на цените на основните прехранбени производи откако компаниите од прехранбената индустрија добија субвенционирана струја, Ковачевски вели дека во наредниот период очекува да има дополнително намалување на цените.

– Треба да се има во предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени. Во наредниот период очекуваме дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители од пекарската, од млечната и од месната индустрија, кое што намалување очекуваме да биде до 10 проценти. Досега според податоците од ЕСМ Продажба, 187 компании од прехранбената индустрија имаат склучено договор за субвенционирана струја. Во овој контекст да потсетам дека прехранбените фирми кои не поднеле документи, можат да се пријават до 20 декември за субвенционирано снабдување од 1 јануари 2023 година, вели Ковачевски во интервјуто за МИА, најавувајќи дека и во следниот период ќе се следи ситуацијата и соодветно ќе се одговори на секој предизвик.

Back to top button
Close