Ковачевски – Вучиќ – Рама: „Отворен Балкан“ дава резултати за компаниите и граѓаните

„Отворен Балкан“ e препознаен како позитивна регионална иницијатива која веќе дава конкретни резултати за компаниите и за граѓаните кога се во прашање европските слободи за движење на луѓе, услуги и стоки, констатираа на денешниот онлајн состанок премиериот Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, во пресрет на одржувањето на Самитот за Берлинскиот процес, што ќе се одржи на почетокот на ноември во Берлин.

 

На состанокот тројцата лидери се договорија на претстојниот Самит за Берлински процес да ги пренесат сите позитивни искуства од „Отворен Балкан“.

 

 

 

Како што соопшти владината Прес-служба, на координативниот состанок присуствуваа и вицепремиерот Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

 

– Од страна на лидерите беше посочено дека „Отворен Балкан“ е иницијатива која ги мобилизира администрацијата, бизнисот и граѓаните за заеднички напредок на регионот и за заедничка поддршка за време на кризните состојби предизвикани од недостатокот на храна и струја, се наведува во владиното соопштение.

На онлајн состанокот станало збор и за заедничките позиции на трите држави за забрзување на имплементацијата на тековните иницијативи.

Во исто време српскиот претседател Вучиќ на Инстаграм објави дека на состанокот било разговарано за заедничките чекори во насока на обезбедување сигурна зима за граѓаните на трите земји, како и за претстојниот Самит на Берлинскиот процес.

– „Отворен Балкан“ значи мир, просперитет и посигурна иднина за народите од нашиот регион, бидејќи заедно сме секогаш посилни, напиша Вучиќ на својот инстаграм профил.

 

 

 

 

Back to top button
Close