Ковачевски: За да направиме повеќе и подобро, ни треба поддршка од граѓаните

 Знам дека предизвиците со кои се среќаваме создаваат недоверба. За оваа година дадов сѐ од себе, најмногу што може да се направи во вакви услови на криза. За да направиме повеќе и подобро, мене и на владата ни треба поддршка од граѓаните, порачува премиерот Димитар Ковачевски во новогодишно интервју за „Фокус”.

Изминатата година, наведува премиерот, беше исклучително тешка, само што заврши пандемијата, почна војната во Украина. Економската криза се продлабочи, па дојде енергетската криза и имавме тешки одлуки на политички план.

-Вредно е да се спомене дека покрај сите работи, кризата е и можност. Од тој аспект, енергетската трансформација е многу важна за државата. Северна Македонија има ресурси и планот е да ги искористиме сите ресурси што ни се на располагање да ја направиме земјава енергетски центар на зелена енергија, и не само за регионот, туку и пошироко, вели премиерот.

На тоа, како што посочува, се работи и не е невозможна цел. Законската регулатива за олеснување на процедурите за инсталирање централи од обновливи избори се олеснети. Постапки што траеја со месеци сега се завршуваат за еден ден. Веќе има историски најголемо пуштање на употреба на капацитети на струја од обновливи извори на енергија за овие 10 месеци, повеќе од кога било досега.Само оваа година во употреба се пуштени 141 мегават капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија, а до крајот на идната година претпоставките се дека ќе бидат пуштени до 300 мегавати, што е скоро половина од капацитетот на РЕК Битола, наведува премиерот.

Прашан дали негово време се постигна баланс во решавањето на крупните теми и домашните прашања премиерот посочува дека е важно што Северна Македонија отпочна преговори со ЕУ. – Веќе не сме изолирани, реформите се случуваат брзо и динамично, а земјава е безбедна и стабилна, што е голема придобивка на одлуките носени оваа година и во минатото. Тоа значи повеќе странски, но и домашни инвестиции. Тие значат повеќе и подобро платени работни места. Оваа година се отворени 2.000 работни места во компаниите што се странски директни инвестиции и кои се подобро платени од другите работни места, вели премиерот и истакнува дека има простор за рационален оптимизам.

Ковачевски, во одговор за оценка на перформансот на министрите и на функционерите од пониските ешалони повтори дека не планира покрупни кадровски промени.

-Сето она што го набројав, сите реформи, зголемувањето на минималната плата… Ние имаме највисока просечна плата, никој не веруваше дека ќе дојде над 500 евра. Имаме зголемени пензии за 10 проценти, најголем број отворени градинки. Сега го пуштивме експресниот пат Крупиште – Кочани, што значи од Штип до Кочани комплетно нов експресен пат. Со силна динамика се работи на автопатот Кичево – Охрид…Сето ова е резултат на тимот на владата. И затоа по овие 11 месеци, владата во тешки услови постигна значајни резултати, вклучително и преговори со ЕУ, вели Ковачевски

Back to top button
Close