Ковачевски за Фокус- Мицковски е заложник на Апасиев, во 2024 на изборите СДСМ ќе победи

ФОКУС: Анкетата nа ИРИ,  покажа и дека Груевски има поголем рејтинг од Мицкоски и од Вас. Како да се протолкува тоа?

КОВАЧЕВСКИ: Можам да го коментирам мојот рејтинг, и тоа и би го направил. Во вакви тешки околности, сепак, кај мене рејтингот расте, додека кај претседателот на опозицијата опаѓа, и тој тренд допрва ќе се покажува и интензивира.

Инаку, постојано се објавуваат анкети. Иако имаше анкети дека ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ, на предвремените локални избори во Маврово Ростуше и Центар Жупа победи СДСМ.

И да се навратам на вашето претходно прашање за изборите во 2024 и за тоа дека СДСМ ќе биде победничка партија – ако го земете предвид резултатот во изминатите 10 месеци, резултатите кои ве уверувам дека ќе ги постигнеме во следната година, на изборите во 2024 година, СДСМ ќе ја предводи идната европска влада на Северна Македонија.

ФОКУС: Постојано тврдите дека Мицкоски е заложник на Апасиев. Дали со тоа сакате да го потцените Мицкоски или, пак, го проектирате Апасиев како главен противник?

КОВАЧЕВСКИ: Долго размислувам околу прашањето на откочување на патот на евроинтеграциите. Ние 17 години бевме во чекалната и благодарение на тешката одлука ова лето ги почнавме преговорите со ЕУ, со заштитен македонски идентитет, јазик и со историските прашања надвор од преговарачката рамка.

Од друга страна, историски гледано, ВМРО нема поддржано ниедна голема одлука за напредокот на државата. Така беше и со членството во НАТО, така е и сега.

Но, кога ќе ја погледнете реториката и жестината во градењето на политичката хистерија, тогаш најголемата опасност за евроинтеграцискиот процес лежи во Левица и Апасиев, кои имаат јасни ставови против зачленувањето во ЕУ и членството во НАТО, па дури предлагаат и некакви алтернативи што не се согласно очекувањата и целите на граѓаните.

Ако добро ги погледнете ставовите на партиите, јасно се гледа дека по ниту едно прашање ВМРО нема став, визија и одлучност.

ФОКУС: Декларативно, ВМРО-ДПМНЕ се залага за евроинтеграции, но, како што велат, не под овие услови.

КОВАЧЕВСКИ: Сетете се само кога Мицкоски пред тогашниот бугарски премиер Борисов велеше дека го поддржува договорот за добрососедство со Бугарија. Потоа, сетете се како со следниот премиер Петков кажа дека поддржува уставни измени, за потоа да каже дека не поддржува уставни измени, па дури и бараше и нотарски изјави од пратениците. Па, потоа кажа дека ако има гаранции од ЕУ, ќе поддржат уставни измени, па пак го смени ставот и кажа дека по ниедна цена не поддржува уставни измени.

Сето тоа е заради натпревар со Левица во крајниот десен спектар во гласачкото тело и тоа, според мене, ги прави заложници на Левица.

ФОКУС: Од друга страна, Мицкоски вели дека вие сте заложник на Ахмети. Дали е така?

КОВАЧЕВСКИ: СДСМ и ДУИ и другите партии од коалицијата имаме јасни ставови. Прво, ние сме партии што го поддржуваат и го спроведуваат Охридскиот рамковен договор, кој е темел на уредувањето на односите во нашата држава. Второ, поддржуваме општество каде што секој, без разлика на припадноста по кој било основ, има еднакви можности за својот личен и професионален развој. Трето, го поддржуваме и го спроведуваме договорот од Преспа и членството во НАТО. Потоа, го почитуваме и се придржуваме кон договорот со Бугарија и до преговарачката рамка, која е предлог на сите 27 членки на ЕУ.

И сите заедно бевме присутни на првата меѓувладина конференција што Северна Македонија ја одржа со ЕУ. Тука не може да се зборува за какво било заложништво бидејќи ние имаме јасни, прогресивни ставови во поглед на визијата за Северна Македонија како идна членка на ЕУ

Интервјуто на новинарот Влатко Стојановски прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Back to top button
Close