Ковачевски: За моите објави на социјалните мрежи не е потрошен ниту денар од државниот буџет


Ниту еден денар потрошен за комуникацијата на мојот профил на социјалните мрежи не е од буџетски средства, ниту пак некој вработен во Секторот за комуникации на Владата бил ангажиран прекувремено за да ја сработува таа комуникација, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање околу трошоците за објави на неговите профили на социјалните мрежи.

– Буџетски средства за ова не се користени, туку со оглед на тоа дека се работи за спроведување на социјалдемократски политики, тоа се прави во рамките на мојот тим којшто е надвор од Владата, а вработените во Секторот за комуникации коишто работат на подготовка или на изработка на видеа немаат ниту еден час прекувремено. Она што се работи како комуникација се е во рамки на работното време, рече Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој потенцира дека е важна е транспарентноста и во овој случај се е транспарентно со цел граѓаните да бидат информирани за тоа што работат избраните и именувани функционери во однос на прашањата што ги засегаат, а изборот е дали тоа ќе се направи преку билборди, соопштенија или видеа и одредени други мултимедијални презентации на социјалните медиуми.

– Доколку граѓаните не го сакаат таквиот начин на комуникација секако дека тие тоа ќе го искажат во моментот кога за тоа ќе имаат можност, а тоа е при избори, изјави Ковачевски, додавајќи дека целата комуникација преку социјалните мрежи е платена и за тоа има достапни податоци.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави дека во последните 100 дена за спонзорирани постови на социјалните мрежи, профилот на премиерот Димитар Ковачевски потрошил 26,000 евра, а за нивни објави владиниот Пи-Ар тим работи во две смени.

Во однос, пак, на прашањето дали ќе и се извини на пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ за наводно изречена навреда, Ковачевски рече дека по реакциите од опозициската партија и обвинувањата на негова сметка, телефонски разговарал со пратеничката и и се извинил „доколку била навредена од тоа што го разбрала дека го кажал во разговор со други колешки“.

Надоврзувајќи се на навредите, Ковачевски додаде од првиот ден на стапувањето на премиерската функција, тој и неговото семејство се цел на директни напади, а по наредба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во текот на расправата за владината реконструкции нападите на опозициските пратеници биле исклучиво насочени против неговата сопруга, но дека за овие „нечовечките нарачки нема да бара извинување“.

– Директно под негова наредба за мојата малолетна ќерка во текот на месец јули минатата година кога се носеше францускиот предлог, беа правени недолични видеа на апликацијата Тик Ток и јас за ова од таков нечовек не барам извинување, додаде Ковачевски.

Back to top button
Close