Ковачевски за најавената доградба на поранешната Градска болница: Кажете му на Конзерваторски дека пред „Лувр“ има стаклена пирамида

Поддршка за доградба на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, поранешна Градска болница, која би се наоѓала на паркингот пред болницата, а во неа би се сместиле пет операциони сали, кои ќе се поврзат со старата зграда на болницата преку топол ходник. Ова денеска го најави Љубен Арсенков, директорот на оваа болница на прес-конференција за промоција на новата опрема, за што побара и поддршка за реализација од премиерот Димитар Ковачевски, како и од Фатмир Меџити, министерот за здравство.

Со проектот се предвидува паркирањето да биде исто како и досега, но над паркингот на столбови да се изгради новиот објект, па топлиот ходник за новите операциони сали би служел и како настрешница, која и сега недостига на влезот во болницата.

Сепак, директорот Арсенков посочи дека Конзерваторскиот центар не дозволува топлиот ходник да се спои со старата зграда оти е заштитена како архитектонски објект.

„Топлиот ходник не ја нагрдува зградата, не нарушуваме ништо, а добивме неопходни моменти“,објасни директорот Арсенков.

Додека Арсенков правеше презентација на новиот проект и зборуваше за проблемите, премиерот Ковачевски му дофрли:

„Кажете му на Конзерваторски дека пред ‘Лувр‘ има стаклена пирамида“.

На тоа директорот Арсенков му одговори дека не успеал да извади фотографии од најстарата зграда во Америка, која со стаклен мост е поврзана со сосема нова зграда и изрази благодарност за поддршката од премиерот и од министерот Меџити.

„Се работи за доградба во делот на паркингот, која со топол премин би била поврзана со самата установа. Топлиот премин би служел како настрешница, која во моментот недостига, и за да ги запазиме еколошките моменти, на крајот би завршиле горе на покривот со еден руф-топ бар. Тој проект би имал голема функционалност. Пет операциони сали со сите светски стандарди е спас за македонската хирургија. Преоптоварени се сите сали, а ќе добиеме други простори во болницата. Зградата е стара 93 години, што и да правиме овде, не можеме, секое ќоше го искористивме“ рече директорот Арсенков.

Министерот Меџити рече дека првпат го гледа проектот, па побара следната недела директорот да дојде во Министерството и да му ја претстави целосната замисла.

„Рече дека овој проект ќе биде реалност. А, за средства е многу лесно, премиерот е многу дарежлив“,рече Меџити.

Во оваа болница годишно поминуваат 120 000 пациенти за амбулантски прегледи, дијагностика и операции. Изминатава година имале тренд на пораст на оперативните зафати, ја надминале бројката од 4 500 операции, а за оваа година очекуваат дека бројката на операции ќе биде 5 000.

 

Back to top button
Close