Ковачевски за Отворен Балкан: Политичарите во предизборието даваат разни изјави, но сметам дека регионалната соработка е многу важна

Политичарите во периодот на избори даваат изјави што треба, што не треба, но јас останувам на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна – изјави експремиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервјуто за МИА прашан како го коментира предлогот на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи оти земјава треба да излезе од иницијативата Отворен Балкан.


Оценувајќи го Отворен Балкан за оригинална иницијатива, Ковачевски рече дека таа во својата суштина е заснована на четирите слободи на Европската Унија – слободно движење на луѓе, на капитал, на производи и услуги.

„Постојат 72 регионални иницијативи во Западен Балкан, една од нив е Отворен Балкан. Таа во својата суштина, во својот фундамент, ги има постулатите на функционирање на ЕУ. И кога ќе ги погледнете иницијативите коишто беа направени во рамки на Отворен Балкан, тие се токму тоа“ рече Ковачевски во интервјуто за МИА.
Осврнувајќи се на резултатите кои земјава ги постигнала во рамките на Отворен Балкан, Ковачевски рече дека трговијата меѓу С Македонија и Србија е зголемена за 50 проценти, со Албанија за 40 отсто, а вкупниот обем на трговијата меѓу трите држави е зголемен за 25 проценти.

„Тоа е резултат на подобрата соработка, не само меѓу политичките претставници, туку пред сè на соработката меѓу деловната заедница. На сите состаноци на Отворен Балкан присуствуваат претставници на компаниите, односно на стопанските комори, и разговараат за она што треба да се спроведе. Доколку погледнеме наназад, ние имаме воведено зелени ленти за превозниците од земјите Отворен Балкан. Подоцна направивме и усогласување на фитосанитарните контроли во делот на трговијата со земјоделски производи и преработки од земјоделски производи. Порано беа потребни три дозволи, сега е потребна само една“ изјави претседателот на СДСМ.

Со учеството во Отворен Балкан, како што додаде Ковачевски, зголемена е мобилноста на младите и на работниците согласно договорот за непречено работење во трите држави. Во оваа насока го спомена и договрот според кој се признаваат дипломите од високообразовните институции во одредени дејности како медицината и другите науки, кои, како што додаде Ковачевски, можат да придонесат за подобри услуги и развој на државите.

Говорејќи за иницијативите кои постојат во регионални рамки, Ковачевски го спомена и Берлинскиот процес чиј дел се сите држави од Западен Балкан, но, како што рече, таму има еден проблем што ниту една иницијатива не е заживеана со оглед на тоа дека секогаш постои проблем во некоја држава.

„На пример, во Босна не можат тие внатре да се договорат меѓусебе да ратификуваат некој договор, потоа ќе се појави некој проблем помеѓу други две држави и процесот оди многу поспоро. Меѓутоа, мислам дека и тој процес ќе биде забрзан со оглед на тоа дека сите држави имаат многу јасна определба за зачленување во ЕУ. Преговорите веќе ги отпочнаа и Македонија, и Албанија, и Црна Гора, и Србија. Веќе имаме и земји членки на НАТО, тоа се Албанија, Црна Гора, Македонија. Сметам дека помеѓу Србија и Косово дијалогот треба да продолжи за да можат да ги нормализираат своите односи согласно со Бриселскиот договор и согласно со разговорите коишто ги имаа во Охрид и мислам дека на тој начин овој регион ќе се европеизира. Ќе работиме многу повеќе заедно, многу повеќе на заеднички теми коишто на крајот на денот ќе резултираат со држави коишто ќе станат земји членки на Европската Унија“, вели Ковачевски во интервјуто за МИА.

Неговата изјава следува откако пред неколку дена министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека на следната владина седница на која ќе се разговара за Отворен Балкан тој ќе иницира напуштање на иницијативата.

Back to top button
Close