Ковачевски за посетата на Фон дер Лајен: Во моментов сме најдобри во регионот и затоа треба први да влеземе во ЕУ
Доаѓа голем пријател на нашата земја. Вака премиерот Димитар Ковачевски ја најави посетата на претседателката на Европската комисија на земјава, Урсула фон дер Лајен, која треба да се реализира на крајот на месецов.
„Прв најавив дека ќе има посета од претседателката на Европската комисија, но оставив тие да ја најават посетата бидејќи гостинот го најавува точниот тајминг“посочи тој.
Според него, продолжувањето на евроинтегративниот пат на земјата ќе биде една од клучните теми за кои ќе се разговара за време на посетата на Фон дер Лајен.
„Ние сме држава која во моментов е најдобра во регионот и сигурно дека Европската Унија која веќе го отпочна процесот за свое реформирање, со оглед дека ќе има прием на нови членки, сака да ја види земјата како дел од ЕУ, зашто оној што е најдобар треба и прв да влезе. Одлуката зависи и од нас“нагласи премиерот.
Според него, доаѓа голем пријател на нашата држава со кој состаноци ќе имаат тој, претседателот на државата, како и членовите на Владата.
„На посетата ќе поразговараме за текот на скрининг процесот, за инвестициите кои Европската Унија ги прави во нашата земја, но секако едно од клучните теми е продолжувањето на нашиот евроинтеграциски пат“посочи Ковачевски.
Премиерот и минатата недела истакна дека посетата на шефицата на Европската комисија е во рамки на редовната комуникација меѓу ЕК и нашата држава и тогаш рече „никој не доаѓа некому да врши тортура, како што кажуваат од опозицијата“.
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, и минатата година во октомври беше во посетата на земјата, од каде што ја почна турнејата низ земјите од Западен Балкан.
Целта на посетата беше таа да ја претстави дополнителната поддршка од ЕУ за Северна Македонија и регионот во справувањето со актуелната енергетска криза.