Ковачевски за „Таргет-Тврдина“: Вчерашниот ден беше тежок да се проголта, ден на пораз на правната држава

Затоа СДСМ ќе ги вложи сите напори да победи на следните избори во 2024 година и да ги спречи учениците на Никола Груевски да се вратат на власт и да ја заробат повторно државата, рече лидерот на СДСМ

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва на националната трибина на партијата „Силно и одлучно за иднината“ ја искоментира вчерашната одлука на Апелацискиот суд Скопје да ја укине пресудата за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“, оценувајќи дека тоа било ден на пораз на правната држава. „Вчерашниот ден беше тежок да се проголта и јас сум навистина разочаран. Ден на пораз на правната држава и уште еден доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи.

Судството мора да најде начин да е поефикасно и да сработи многу подобро и побрзо во интерес на правдата и граѓаните. Секогаш кажувам, и вечерва ќе повторам – судството е независно и никогаш нема да се мешам во ниту еден процес. Судницата не е место за решавање на политички проблеми. Ако некој се плаши од враќање на стариот режим, одговорот лежи на избори. Затоа СДСМ ќе ги вложи сите напори да победи на следните избори во 2024 година и да ги спречи учениците на Никола Груевски да се вратат на власт и да ја заробат повторно државата“, рече Ковачевски. Принципите на еднаквост, правда и солидарност, посочи тој, мора да се спроведуваат и во економијата и во демократскиот свет, но и во борбата против криминалот и корупцијата. Во оваа борба, рече лидерот на СДСМ, мора уште многу да се прави и сработи бидејќи тоа е она што го ветиле.

Back to top button
Close