Ковачевски: Земјава 11 години беше заглавена со ВМРО-ДПМНЕ, сега Скопје е заглавено

Лидерот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, вечерва на партиска трибина во Тетово, ги коментираше состојбите во Град Скопје обвинувајќи ја опозициската ВМРО-ДПМНЕ за хаосот.

Кај се фатиле ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, пепел направиле.

„Единаесет години наместо за граѓаните ВМРО-ДПМНЕ беа каменорезачи, само за споменици мислеа. Затоа молчат сега, нема што да кажат. Градот Скопје нема јавен превоз. Градот Скопје има проблем со сите комунални претпријатија. Да не намалевме струја за нив, никако немаше да може да функционира ништо во градот. Уште во јануари, јас лично преземав прв чекор, не бев ни 5 минути премиер, од ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да обезбедат парно греење за скопјани, Владата презема. Тоа е нивна одлика. 11 години земјава беше заглавена, сега со ВМРО-ДПМНЕ Скопје е заглавено“,рече Ковачевски.

Тој на партискиот настан зборуваше и за економијата и справувањето со кризата при што порача дека следната 2023 е година за економска пресвртница.

„Ако пред 10 месеци клучното прашање беше дали ќе успееме да обезбедиме храна, пари, струја и нафта, денеска клучното прашање е можеме ли заедно да го пребродиме последниот дел од економската бура или не. Имаме уште многу работа, тоа секако, бурата е сè уште во тек. Но стојам овде пред вас и со сето мое економско и менаџерско знаење, со сиот резултат во изминатите 10 месеци ви велам ’да‘, можеме. Заедно ќе успееме да ја поминеме зимата, заедно ќе успееме да ја пребродиме последната глобална економска бура и од наредната година ќе биде подобро“,рече лидерот на СДСМ.

Back to top button
Close