Ковачевски: Зголеменото производство на струја отвора можности за воведување на евтина дневна тарифа


Од први јануари годинава до осми февруари ЕСМ има произведено над 720 илјади мегават часови електрична енергија, што е за 40 проценти повеќе од лани истиот период, рече попладнево премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

-Според официјалните извештаи од месец јануари, за првпат после 15 години, од вкупните потреби на електрична енергија во државата, дури 87 проценти се обезбедени од домашните производствени капацитети, додека само 13 отсто се обезбедени од увоз. Просекот порано беше 30 до 35 проценти електрична енергија да биде од увоз, сега е само 13 посто, кажа Ковачевски.

Претседателот на Владата истакна дека за поздравување се најавите на Регулаторната комисија за енергетика дека се прават анализи за воведување на евтина дневна тарифа на струјата и потенцираше дека ваквите можности се отвораат со зголеменото производство на струја.

АД ЕСМ ги има вклучено сите државни капацитети за производство на енергија, како што се трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, како и двете гасни електрани во Скопје.

-Цената за граѓаните е стабилна, покачување нема, додека евтина цена на струја имаат училишта, прехранбениот сектор и главните институции кои што даваат здравствени услуги на граѓаните. Со навремени интервенции и мерки, како Влада покажавме дека можеме да се носиме со енергетската криза, без притоа да имаме ценовни шокови кај основните прехранбени производи и струјата. Во 2022 година пак беа произведени 27 отсто повеќе струја отколку во 2021 година, а оваа години растот е проектиран на дополнителни 20 проценти што се потврди како изводлив во месец јануари оваа година, рече Ковачевски.

Тој истакна дека ефектот од зголеменото производство на струја, но и навремените мерки за субвенционирање на струјата за компаниите се гледа веќе и во малопродажбата, но и го потврдува последниот извештај на Државниот пазарен инспекторат за спроведените контроли.

-Од инспекциските надзори извршени во период од денот на донесување на Одлуката, на крајот на месец октомври 2022 година може да се констатира дека производителите, увозниците и трговците на мало и големо се придржуваат на највисоката утврдена маржа од 5 проценти и 10 посто на производите наведени во Одлуката. Исто така, врз основа на мерките на Владата на Северна Македонија, забележителен е трендот на намалување на цените на основните прехранбени производи, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека за да им се помогне на малите потрошувачи коишто се на регулираниот пазар во кои се вкалкулирани и енергијата и мрежарината, трошоците од 1 јануари се намалени за 20 проценти. Оваа цена, вели, се применува за 70 илјади компании во државата, коишто во минатиов период се соочуваа со зголемени трошоци за електрична енергија.

-Со одлука на РКЕ, пак кај домаќинствата кои повеќе штедат цената им се намали, од друга страна, оние кои трошат повеќе добија зголемена цена. Така, цената на третиот блок се зголеми за 0,85 проценти, додека за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти, меѓутоа во четвртиот блок се семејствата кои што имаат поголеми простории за загревање, дел од нив загреваат и базени во текот на зимата, тоа може да го дозволуваат да го прават согласно со нивните приходи, меѓутоа и цената на електрична енергија која што ќе ја платат нормално ќе биде повисока, заклучи Ковачевски.

Back to top button
Close