Ковачевски: Жените се движечка сила и на СДСМ и на државата 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, отсекогаш ги препознавал и почитувал моќта и способноста на жените, кои се наоѓале и денес се наоѓаат на важни челни позиции и во Владата и во партијата, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на Осмомартовскиот марш на Форумот на жени на СДСМ во Прилеп.

„И еве, таков е примерот во Владата сега. Со именувањето на Каја Шукова за министерка за животна средина и просторно планирање, има 50 – 50, рамноправна застапеност на жени и мажи, на министерските позиции на коишто се именувани кадри од СДСМ.

Таков е примерот и со Сања Лукаревска, заменик претседателка на Социјалдемократскиот сојуз, која е и повеќегодишна, успешна директорка на Управата за јавни приходи. Таков е примерот и со Бисера Костадиновска Стојчевска, потпретседателка на Социјалдемократскиот сојуз и министерка за култура.

Таков е примерот и со претседателката на Форумот на жени, голем борец за рамноправноста по сите основи, Јована Тренчевска, актуелна министерка во ресорот под којшто спаѓаат родовите политики, Министерството за труд и социјална политика.

Добро е што и ние – и Република Северна Македонија, сега, во услови на војна на европскиот контитент, ја имаме министерката за одбрана – нашата колешка Славјанка Петровска. Добро е, затоа што, Да, имаме потреба од мудроста – којашто е именка од женски род, а потреба од највисок ред.

Имавме жена министерка за одбрана и за време на зачленувањето на нашата држава во НАТО, тогашната заменик претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска.Имавме и жена министерка на надворешни работи, меѓу основачите на СДСМ, сега починатата, но секогаш почитувана, Илинка Митрева – која имаше доволно доблест да застане на оваа раководна позиција, во врвот на конфликтот во Република Северна Македонија во 2001-та година, а потоа и да ја брани исправноста на Охридскиот рамковен договор” порача Ковачевски.

Во своето обраќање, претседателот Ковачевски ја нагласи важноста на родовите можности во политиката, затоа што, според него, политиката, владите и парламентите, се тие што ги предлагаат и ги носат законите, со коишто се гарантираат човековите права, со тоа и родовите права.

Back to top button
Close