Ковачи на лажни надежи

Веќе напишав дека изолацијата поради коронaва, може да биде корисна. Ги исчитуваме книгите кои своевремено, поради обврзувачките лектири ги читавме, не разбирајќи ги. Една од тие е и антироманот “Ковачи на лажни пари” од нобеловецот Андре Жид. Така да насловот од колумнава е сепак полуфалсификат, што во ситуацијава на општа фалсификација, може да се разбере, со оглед дека и денес е тешко да се разграничи каде завршува реалноста, а каде почнува фикцијата. Ќе се обидам, поедноставно од  мисје Жид да го објаснам  феноменот на разграничување на вистината и лага, три дена пред  изборниот молк.

“Пари пусти пари” се наметна како централна тема и на овие историски избори. Лидерите  на најголемите партии на првиот тв дуел акцентот го ставија на парите. Каде одат пустите пари? Партиите се борат за власт, а власт носи пари, односно тие сами се сливаат во дупнатите џепови на  владателите. Најлесен и безризичен начин да се дојде до пари е влегување во политиката. Кај нас парите определевуват и личен статус. Постои само идеологија на парите, а не на партијата. Таа е параван. Не ги интересира партиската идеологија. Генералните секретари на партиите не ги познаваат основните постулати на социјалдемократијата, односно идеологијата на ткн. конзервативни партии, макар што и двете партии се членки на соодветните институции – една во Социјалистичката интернационала, втората  во европските народни партии кои доминираат во Европскиот парламент. Ги интересираат парите, кои ги нарекуваат пусти, ауфемизам за проклети. Ама не е така. Пара си е пара и пара на пара се лепи. Финансиски, а и семејно. Партиите со државни (наши) пари и со пари од финансиерите, кои своите вложувања ги третираат како вложувања во профитабилен бизнис. Не можат да изгубат. Најчесто профитираат задено со лидерите кои можат за еден мандат да  ја изгубат власта, за да  по четири години пак  да се  вратат. Остануват по два или три мандати едноподруго, само во случај на неспособна опозиција.

Програмите на партиите се сковани во лабораториите на лажните надежи, а ковачите не се обврзани да ги исполнуваат ветувањата. Неисполнувањето се толкува како вина на опозицијата, која оставила пустош. Позицијата возвраќа дека претходната влада украла повеќе, па критериум за успешноста на владите се мери со тоа кој помалку украл. А тоа не е баш измерливо. Па затоа и судовите дигаат раце, и од други причини, тоа да го санкционираат. Додека се власт, лидерите молчат, по губењето на власта го обвинуваат правосудството. Во меѓувреме правосудството се полни со некомпетентни судии и обвинители, лојални на партиите кои ги востоличуваат.

Успесите на владите се дело на лидерите, кои самите се сметаат за месии. Нема неуспеси. А со толку неуспеси,у спесите се глорификуваат како нивни лични  достигнувања. Нормалните државни активности се толкуваат како успех. Зар е успех да се обезбедат пензии или социјална заштитата? Зошто би бил успех на владата доаѓање на некоја страна компанија кај нас? Или зошто тоа бил успех на ресорен министер. Тоа е само бенефит на оние кои преговарале или овозможиле компанијата да го добие тендерот или  за инвеститорот кој вложува под многу поволни услови, но не за државата во која вложува и  за работниците кои го создаваат профитот. Промашените инвестиции не се есапат. Нема долгогодишна стратегија во ниту една област. Зошто е успех ако имаш добри односи со соседите? Декларациите за добрососедство и пријателство, како впрочем и за стратешко партнерство се дипломатски кулиси во театерот на интереси. Тие не решават суштински прашања и затоа треба да се биде крајно внимателен во креирањето на меритумот на договорите.  Зошто е успех  членство во НАТО? Тоа е наша определба,а  и желба на стратешкиот партнер. Нашата армија мораше да ги достигне критериумите на НАТО, како што и нашето општество мора да ги усвои и примени критериумите на ЕУ, станале членка или не. Тоа е наш интерес. Никој не ја споменува 1999 година како можност, по скратена постапка, да станеме членка на НАТО, макар што Грција и тогаш го имаше истиот услов, кој го материјализира со договорот од Преспа. Договорот беше потребен. Дали одигравме најдобро, времето ќе покаже. Зошто би бил успех датум за преговори со ЕУ? Па тоа е процес,тоа е дел од нашата цел – полноправно членство. И впрочем не може да биде успех нешто што трае петнаестина година, а никако не можеме да ги почнеме преговорите, чиј исход по формулата на Макрон е неизвесен, макар што почетокот е секако известен. Блокирањето од страна Грција не е доволно алиби за доцнење во нашите реформи. Некадаранта наша дипломатија секако е заслужна за стагнацијата. Не сум забележал во процесот на интегрирање на државите од Централна Европа, а посебно со оние од Балтикот, да во предизборните кампањи форсираат НАТО и ЕУ ориентација. Тоа за нив беше стратешка цел, дискретно исполнета и не ја злоупотребуваа во меѓупартиските надмудрувања. Ние стратешки цели не ги искористуваме. А имавме прилика,не по наша заслуга. Членството во НАТО треба да се валоризира. Дали тоа умееме? Нашиот европски тим треба конечно да истрча на терен. Коучот е сеуште неизвестен. Сегашниот е лекар по професија. Извесна е само нашата левантиска еквилибристика во изнаоѓање на причините за неуспех. Ниту една од 35 точки на преговори не е лесна. Лесни се само нашите уверувања дека сме подготвени за преговори. Во идеални услови членството во ЕУ теоретски е можно за десет години, а не како сега се тврди за четири години. Така краток рок не успеала да постигне ниту една од сегашните “нови” членки.

Двете најголеми партии на терен за предвремините изнудени избори истрчаа со исти дресови, овој пат со политички и медицински маски. Првите се стандарен реквизит, а вториве неочекувано станаа круцијален доказ на дезориентираноста на владата,односно нејзиниот успех во менаџирањето. Маските секако ќе паднат и кај едните и другите. Првите веќе за неколку дена. Двете најголеми партии се сигурни во успех. Најголемата албанска партија дури  верува дека идниот премиер  ќе биде Албанец. Адутот на СДСМ е надворешната политика, ресор во кој актуелниот МНР ( негов фејсбук статус) ја оставил душата, искачувајќи се на огромната планина, алудирајќи на прием во НАТО  и скориот датум за преговори со ЕУ. Можеби огромната планина на која се искачил  е Олимп, домот на грчките богови.

Надворешната политика е адут на социјалдемократите кои добија видео подршка од неколку европски партии,посебно од  германскиот министер за Европа, Рот кој со нескриени симпатии зборува за пријателството со нашиов министер, кој не е нели социјалдемократ. При тоа се толерира, новата германска амбасадорка да ги започне активностите, пред да ги предаде акредитивните писма на претседателот на државата. ВМРО имаше два млади МНР во вкупен мандат од десет години. Добра комбинација на  поради  германско-франкофонска доминација во ЕУ. Ги надмудри, МНР со вмровска  ДНК, секако  изданок на англофонска провиниенција. Не станува збор за храбар потез на поранешниот наш амбасадор во Вашингтон. Тука нема никаква храброст. Едноставно во тој момент, тој ја вршеше таа  функција. Тој  само потпиша, нешто што одамна требаше да се направи, да имавме концепт, политика и соодветни дипломатски кадрови. ВМРО непотребно го обвинува за предавство. Министрите потпишуваат нешто, што им се наметнува, а при тоа некои и веруваат во она што потпишуваат. Впрочем младите МНР од ВМРО во ерата на Груевски  можеа да потпишат, можеби и подобар договор, но будимпештанскиот бегалец, имаше други приоритети. Наводното предавство на сегашниот МНР не може да  е аргумент за мобилизација на бирачите на ВМРО за евентуално ревидирање на меѓународниот договор. Од друга страна,   СДСМ  не може а приори да го  дисквалификува   новото раководство на ВМРО, само поради фактот што  произлегло од под  шинелот на поранешниот брокер, кој покрај работа се здоби и со титула доктор на науки, на познатиот прилепски Универзитет. Двете најголеми партии истрчаа со погрешни адути, како впрочем и ДУИ, кратенка на албанска партија,за која она “И” (интеграција) никако не ми јасно за каква интеграција станува збор, која истрача со шпиценкандидат за премиер. Три стратешки грешки на трите фаворити. Останатите партии и немаат шанса да прават грешки. Тие веќе направиле, со тоа што учествуваат во трката, без промена на изборниот модел и намалување на сензусот на 2%,наместо сегашниот 5%. Хаотичната ситуација ја комплетираат независните медиуми, односно нивното апологетска поддршка на сегашната власт и донкихотските обиди на определени медиуми да направат баланс во информирањето. Ставете ги маските на гласањето. После тоа самите ќе паднат.

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

 

 

Back to top button
Close