Ковачки: Власта ги прифаќа сите бугарски барања, преку протест ќе кажеме „не“ за асимилација

Предлогот кој Ковачевски, Османи, Пендаровски и останатите го претставуваат како модифицирана верзија, всушност е истата која наводно ја одбија пред една недела, обвинува ВМРО-ДПМНЕ. Во овој предлог наместо отворање на европерспектива, се овозможува легална рамка Бугарија да условува со идентитетски теми, јазикот, историјата, промени на учебници, споменици, настани и други понижувачки барања, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа Османи и Ковачевски им го обезбедуваат на бугарската страна преку годишните извештаи за спроведувањето на членот 12 од билатералниот договор од 2017-та кој што се однесува токму на овие чувствителни прашања. Па така ако на Бугарија не и се допадне некоја реченица во учебник, некоја лекција за Гоце Делчев или Илинденското востание, тие преку овој механизам би го блокирале пристапувањето на Македонија, само затоа што на тоа се согласила нашата страна“ изјави Ковачки.

Според Ковачки власта дава свесна согласност за прифаќање на сите бугарски барања и прифаќање на асимилација како услов за членство.

„Дури и самиот фактички почеток на преговорите, односно отворањето на кластери е условено со промена на македонскиот Устав. Ова само покажува дека се работи за усложнување на процесот на преговори кој не важел за ниту една земја кандидат претходно. Со други зборови ако се прифати предлогот самите како земја даваме согласност Бугарија да има право да блокира постојано и на тој начин или ќе станеме вечни преговарачи или пак ќе се асимилираме по бугарски диктат“ додаде Ковачки.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека тие преку протест пред Владата ќе порачаат да се отфрли ваквиот предлог и ќе кажат како што велат, „не“ за асимилација и бугаризација на државата

Back to top button
Close