Ковид-19 е закана за демократијата, предупредуваат светските лидери, вклучувајќи ги Спасовски и Заев

Оливер Спасовски и Зоран Заев им се придружија на повеќе од 500 политички и граѓански лидери, Нобеловци и организации во потпишувањето на отворено писмо за одбрана на демократијата.

Здружено, тие предупредуваат дека слободите што ги негуваме се загрозени од владите што ја користат кризата за да го засилат својот монопол врз власта.

     Пандемијата на коронавирусот претставува сериозна закана за демократијата. Многу влади ширум светот прогласија вонредна состојба во која се ограничуваат човековите права и се засилува државниот надзор, честопати без при тоа да се почитуваат законските ограничувања, поделбата на власта и временските рамки за враќање на уставниот поредок.

Ова е клучната порака на „Повикот за одбрана на демократијата“ – отворено писмо иницирано од меѓународни про-демократски организации, Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (IIDEA/МИДИП) и поддржано од Фондацијата за демократија на Вестминстер. Уште 63 организации го потпишаа писмото, како и политички и граѓански лидери ширум светот, вклучувајќи 13 нобеловци и 61 поранешен претседател на држави и влади.

 

Покрај Спасовски и Заев, потписници се и поранешниот Генерален секретар на НАТО, Лорд Робертсон и поранешната Државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт. Актерот Ричард Гир е исто така потписник, како основач на добротворна фондација која цели да ја ублажи сиромаштијата во Тибет.

 

Писмото има за цел да ја подигне свеста и да ги мобилизира граѓаните и носителите на политики да ја заштитат демократијата – препознавајќи при тоа дека ова е најефикасниот систем за справување со глобалните кризи, истовремено заштитувајќи ги правата на сите граѓани, особено малцинствата и ранливите групи.

„Постоечката пандемија претставува сериозен глобален предизвик за демократијата. Авторитарните лидери ширум светот кризата со КОВИД-19 ја сметаат за ново политичко бојно поле во нивната борба да ја стигматизираат демократијата како изнемоштена и да ги побијат нејзините драматични придобивки од последните неколку децении“, се наведува во писмото.

„Демократијата е под закана и луѓето што се грижат за неа мора да ја смогнат волја, дисциплина и солидарност во нејзина одбрана. Во прашање е слободата, здравјето и достоинството на луѓето насекаде“.

 

 

Back to top button
Close