Ковид-19: Вести кои будат надеж

Израелската студија дава голема надеж дека вакцината против корона на германската фармацевтска компанија Бионтек и американскиот партнер Фајзер значително го намалува пренесувањето на вирусот. Резултатите од истражувањето кое го спроведе израелското Министерство за здравство во соработка со Фајзер се уште не се официјално објавени, но увид веќе имаа неколку медиуми.
Според истите извори, вакцината може да спречи пренос на вирусот Сарс–Ков –2 кај асимптоматските случаи за 89,4%, а кај симптоматските за 93,7%.

„Студијата дава многу јасни почетни индикации дека бројот на инфекции се намалува,“ изјави експертот за здравство од редовите на германските Социјалдемократи (СПД) Карла Лаутербах за јавниот сервис ВДР. “Ако овие резултати се потврдат, тоа во суштина би овозможило некакво враќање кон нормалноста“, вели Лаутербах кој смета дека на овој начин може да се достигне колективен имунитет.
Истражувањата до сега само покажуваа во која мера вакцината штити од болеста, но не и дали помага во борбата против ширењето на вирусот. Сепак, авторите на израелската студија велат дека треба претпазливо да се толкуваат резултатите за, како што пишува германската агенција ДПА, да не дојде до преценување на ефектот од вакцинацијата во однос на ширење на заразата.

Заштита од тешки облици на болеста – 99%
Израелското Министерство за здравство објави нови податоци за ефикасноста на вакцината според кои по втората примена доза, вакцината на Бионтек/Фајзер во 95,8% од случаите спречува заразување од Ковид 19, во 98% од случаите спречува појава на симптоми како што се температура и потешкотии со дишење, а додека кај 99% од случаите спречува развивање на тежок облик на болеста и болничко лекување, кое во одредени случаи има и летален исход. Претходните анализи покажуваа дека вакцината е ефикасна 95%.

Неодамна исто така е објавено дека таа вакцина се покажува и како доста ефикасна уште по првата примена доза: само две до четири недели по првата вакцинација ефикасноста и е 85% – се вели во студијата објавена во стручниот магазин „Лансет“.
Компаниите Фајзер и Бионтек исто така објавија дека нивната вакцина може да се чува и на повисоки температури отколку што беше првично објавено. Вакцината останува стабилна дури и на минус 25 до минус 15 степени. Тоа овозможува употреба на обични фармацевтски замрзнувачи и фрижидери. До сега беше задолжително вакцината да се чува на температура меѓу минус 80 и минус 60 степени.
Зелен пасош – пропусница за слобода
Израел е светски рекордер во вакцинација. Од 19 декември до сега таму се извршени околу 4,3 милиони вакцинации со првата доза, а речиси три милиони се ревакцинирани со втората доза. Иако бројот на заразени во земјата и понатаму е релативно висок тој во последните недели е во константен пад. Во рамките на второто олабавување на мерки, во неделата во Израел се отворија трговски центри, музеи, библиотеки, синагоги, цркви и џамии – и за оние кои не се вакцинирани. И училишта се отворени за повеќе различни класови.

Сите оние кои го прележале коронавирусот или се вакцинирани, недела дена по втората примена доза може онлајн да нарачаат потврда за вакцинација. Личните податоци на потврдата се достапни преку QR код. Оние кои имаат вакви потврди потоа може онлајн или преку апликацијата “Рамзор“ да си нарачаат таканаречен “Зелен пасош“. Со него може без проблем да се влезе во теретана, хотели, фитнес центри и на базен, а од март би требало со него да се влегува и во ресторани и барови.
Израел предвидува високи парични кани за оние кои ќе се обидат да го фалсификуваат пасошот. Министерот за здравство дури се закани и со затворски казни.

Извор: дв

Back to top button
Close