Ковид дипломатска бонаца

Деветнаеската е жилава и осветољубива. Не простува потценувањ. Фајтер е. Се бори се до поразот  од вакцината. Мислам на коронова. Бројот 19 по нумеролошката наука е ангелски број. Многумина поради пандемијата  заминаа кај ангелите. Вирусот е креативен, што одговара на карактеристиките на бројот 19. Не бира жртви. Сите му се еднакви. Не е гадлив и на дипломатите. Но, нашиве се отпорни. Не е познато дали има инфицирани, или во карантин или во домашна изолација. Добра е околност што нашите дипломати  се традиционално  изолирани од странските дипломати и дома и надвор, па инфицирањето со Ковид 19 можело да се случи, единствено во конатакти со приватни лица некаде на сочна скара. Предострожните мерки во самото МНР се на ниво на селска бакалница. Нашите претставништа надвор не мора да се грижат. Во нив и така никој не влегува, освен во голема нужда, некој гастарбајтерски намерник.

Во пандемијата политичарите останаа дома. На нашиве тоа не им падна тешко. И пред тоа високите функционери не посетуваа, само тогаш кога требаше да не потегнат за уши. А нашиве не беа поканувани посебно од влијателните држави. Тоа не важеше за нашето момче стокмено во  син, подобро кажано азурно син костум, со кравати во боја на европските либерали, ориентација што одговара на неговата неприпадност на ниту една политичка ориентација. Заборави кој го постави за заменик МНР, а потоа и за амбасадор и тоа во Вашингтон. Добра вила му помогна да за време кога гостуваше во Вашингтон, САД ја признаа РМ, под уставното име (2004). Леташе  секојдневно и каде што треба и каде што не треба. Пречекуваше колеги пред портите на палатата Сарафов, небере како домаќин кој на слава пречекува гости. Насмеан, секогаш со една рака покажувајќи му пат на намерникот, а со другата потпирајќи му го меко грбот, како знак за сталешка припадност и присност. Со дамите беше посебно внимателен нашиот Џон Траволта. Наликуваше на поранешната претседателка на Хрватска, убавата Колинда, која на последнето светско првенство (2018) ги избацува сите играчи од финалната средба. Деветнаестката го скина. Го остави дома. Ги заборави аеродромите неговиот втор дом, удобните хотели, лигавите амбасадори кои го пречекуваат и испраќаат  како месија и гарант на нивното опстојување. Единствена полза што остана по дома е сошиениот нов костум кај неговиот кројач, се разбира темно тегет боја. Се подготвува за нова дипломатска офанзива, за верификација на неговиот успех.

Владејачката коалиција го смета за еден од најуспешните министри, а лидерот на најголемата опозициска партија го стави за носител на листата во најурбаната  средина. Хазардерски, најуспешниот МНР го става во најзначајната изборна единица, да донесе победа. Тоа пак не значи дека им е важна надворешната политика, туку сакаат да ја искористат  моменталната  конјунктура за  потписите на двата договора, како главен аргумент за  големите глобални успеси на владата. По кој знае кој пат дека Договорите беа потребни, бидејќи дипломатски бевме стерилни, а домашната ситуација фрагилна. Ах, тоа ама, министри за надворешни работи  не  се тркаат на парламентарни избори. Од проста причина, што во демократските држави која да опција победи, надворешната политика е непромената. Кај нас, додуша, е исто со таа разлика што ние немаме надворешна политика. Успесите на кои спие летечкиот Холанѓанец не се производ на нашата надворешна политика, а посебно не негов личен. Личен е само потписот, на подготвениот текст. Имено, тој се појавил во предвечерјето на новите глобални геостратешки поместувања. Балканот, конечно треба да се дисциплинира, макар за наредните 50 години. Ме изненади, што не тој туку, албанскиот реформатор, А.А. кампањата за парламентарни избори  не ја почна од Преспа, во која  секако би дошол и Коѕијас, копотписникот на Преспанскиот договор, зошто да не и докониот Ципрас, од повеќе причини. Сега урбаниот МНР ќе оди по села и градови да зборува за предизвиците на новиот светски поредок и за нашите успеси на меѓународен план. Ќе ги исчитува напишаните говори за  економската благосостојба во која живееме, владеење на правото, успешната борба против корупцијата, независното судство. Во демократските држави никогаш на парламентарните избори не биле позначајни темите од меѓународните односи, туку   внатрешната ситуација. После консензуалниот претседател, сега измисливме и консензуален премиер. Амбасадорот Х.Хил имаше право. Граѓанинот тоа го интересира. Но, нашиот Кисинџер не мисли така. Тој е убеден дека ја ставил нашава држава  на шини за ЕУ,со двата договора и сега треба со брзина на ТГВ воз да лета кон Брисел. Посебно је индикативно, што ЕУ после успешниот С. Жбогар, го испраќа  Д. Гер како амбасадор во Скопје. Тој е бетер и од оној Естонец, А. Орав , кој заталка на Балканот (Скопје, Подгорица). Дали со тоа ЕУ испраќа некои сигнали. Тоа што нема амбасадор при НАТО,што Мисијата на ЕУ во Брисел не е минимално и експертски екипирана тоа не смета за значајно, поради тоа што верува дека неговата харизма и талент сето тоа го надополнуваат.

После пандемијата, Н. Д. нема да биде тој истиот од пред неа. Посебно во регионот.  Кредитот го потроши. Истрошен е. Изолиран, поради пандемијата  се прошета до Ниш, каде што колегата Дачиќ беше во предизборна кампања, без  експерт за вирусите, а тема беше токму Ковид 19 и можности за отворање на границите. Покрај Дачиќ седеше познат српски епидемиолог. Наместо да се бави со суштински работи во надворешната политика и нашето поставување спрема  настаните во регионот( Лајчак  во Приштина и Белград, Лавров во Белград, Вучиќ во Москва, средба со Путин, иницијатива на амбасадорот Гренел ( одложената средба во Вашингтон на Вучиќ со Тачи или Хоти) , средба на Вучиќ и Тачи со Макрон во Париз, оддалечување на Вашингтон од Брисел во врска со Косово, тој учествува на  видео панели за Вишеградската четворка. Москва како да ја заборави. Своевремено, како службеник во Хашкиот Институт за глобална правда не го прифати  понуденото место на амбасадор во Москва, или пак не доби агреман. Заборава дека сега неговите односи со грчкиот и бугарскиот колега имаат друга димензија. Не е време за гушкање и бацување рака на Шеќерова, која му го загорчи бриселското кафе. Време е за  валоризација на, за нас, дефанзивните договори. Повлекување нема. Спас е квалитетна дипломатија и архивите. И двете ги немаме. Ние се бламираме секојдневно. Заборава дека немаме амбасадор во Белград ( а ако го постави сегашниот претендент, тоа ќе биде уште еден во низа погрешни избори) дипломатскиот  центар во регионот. Наместо тоа впрегнат е во партиска кампања, чиј член, по негово тврдење, не е. Кога веќе не се осудува да наведе  некој конкретен  датум за почеток на преговорите со Брисел, месијански наведува дека тоа е 15 јули, ден на победата на сегашната водечка владеачка партија. Со тоа  ја покажува партиската ориентација и нескриените политички амбиции,неостварени на последните претседателски избори. Да се остане во седло и да се чека од  поволна позиција  за големото претседателско дерби во 2024 година. Тоа не е манир не еден министер за надворешни работи, кој спроведува глобална надворешна политика.

Нашиот твитер  МНР има поддршка кај ткн.  невладини организации, кои трошат владини пари па и во поголемиот дел од медиумите. Ликвидација на 1ТВ на Боки Тредичи е  голем удар за неговата афирмација. Разбеганите новинари од тој медиум најдоа прибежиште во други медиуми и се главни негови протагонисти. Има медиум кој треба да го промени своето име поради слободното известување. Неговото единствено  предимство што не е во  понижувачка положба како неговиот српски колега во однос на третманот од страна на претседателот на државата. Кај нас не постои кохабитација, ама постои толеранција од страна на претседателот на државата, кој сепак има респект спрема министерот, макар кога се во прашање протоколарните церемонији.

Кандидатот за пратеник во првото соочување со конкурентката од спротивната страна покажа недостатоток на дипломатски такт, еспертска едукација, па  а и домашно воспитни манири, кои ги толерираше, исто така за вакви контактни емисија недорасната  водителка.

Ѓорги Мисајловски

 

 

Back to top button
Close