Козијас под лупа

Се сеќавате, вели Никос Козијас, поранешниот министер за надворешни работи на Грција и еден од авторите на Преспанскиот договор во интервјуто за Телма, дека на почетокот вие имавте претседател и преговарач кои беа против Преспанскиот договор. Се сеќава ли уште некој на овој факт? Што стана со нив? Тие, и двајцата професори, како што доликува на една либерална демократија, се живи и здрави по промената на власта. И, повторно, како што доликува на една демократија која гарантира право на личен избор, едниот, поранешниот претседател, одбира да молчи за актуелните политички настани, додека некогашниот преговарач работи на својата кариера преку јавни настапи и критика на надворешната политика на владата. Но, што се случи со нивните ставови за Преспанскиот договор после приемот на земјата во НАТО,  тоа огромно достигнување на македонската надворешна политика? Ништо. Џорџ Орвел, своевремено напишал дека интелектуалците не ги менуваат своите ставови, ставовите едноставно се кршат од тврдата реалност. Оваа лекција треба да ја имаме на ум и во спорот со Бугарија.

Има уште нешто што сме требале да го научиме: за односот помеѓу историјата и државната политика. Иако либералната демократија е отворена за секакви интерпретации на историјата, државната политика ја нема таа слобода да избере што сака. Во програмата на индиската националистичка Џаната партија безмалку цела Азија е дел од историска Индија, ама тоа не е државна политика на земјата. Поставувањето на темелите на македонскиот идентитет на културната и историската почва на античка Грција од страна на македонската држава, беше погрешна политика која се скрши од тврдата меѓународна реалност. Нејзините носители, пак, и натаму сметаат дека се во право. И не се осамени. Историчари и интелектуалци уште живеат со заблудата дека секој народ има право да си ја пишува историјата како сака. Нациите, тие „замислени“ заедници, според зборовите на Андерсон,сепак не се целосно „измислени“ заедници. Постојат и историски факти и нешто што се нарекува објективна научна вистина. Зашто, нема празни страници кои се испишуваат од страна на новите народи туку страниците се испишани од старите народи и просторот за допишување е ограничен. 

Грците не отстранија од својата историја одбивајќи да ја споделат со нас додека Бугарите инсистираат дека сме едно. Новиот македонски идентите чии почетоци се во втората половина на деветнаесеттиот век и првата половина на дваесеттиот, вели Козијас, согласно доминантниот светски наратив, во потрага по својата посебност „заталка“ во грчката историја и тоа е исправено со Преспанскиот договор. Таа посебност, и покрај заканите по живот, негов и на семејството, од страна на грчките националисти, е конечно прифатена од грчката држава. Без масовна поддршка на јавноста. И таа посебност, ги советува Козијас Бугарите, треба да ја поддржите и вие зашто во спротивно може да се дестабилизира не само Северна Македонија туку и Балканот. Во право е. Само со поддршка на новиот идентитет соседните држави можат да спречат историјата на старите ривалстава околу Македонија, повторно да не почне да извира под нашите нозе. 

Денко Малески

Back to top button
Close