Крај нозете на Колосот
Нашиот таен агент Ашендeн ни испрати толку доверлив извештај од настаните околу минатонеделната визита на македонската делегација на Вашингтон, кој е толку возбудлив и полн со експлозивни детали, што постоеше голема дилема дали воопшто да објавиме некои детали од него.
Извештајот на Ашендeн им дава некако облик на настаните кои ја превртеа македонската надворешна политика и поставија нови параметри во периметрите. Се разбира, новиот македонски труст мозоци не успеал да го забележи Ашендeн, кој е најтајниот од сите тајни агенти, па тој забележал дел од размената во разговорите, дел од дилемите и дел од очекувањата.
Ашенден пишува дека онаа спектакуларна изјава на премиерот Христијан Мицкоски по враќањето од конференцијата на конзервативците била конципирана во голема мерка во салата каде што се одржуваше собирот, но потоа дотерувана во авионот за пат назад. Премиерот направил и некакви измени во последен момент, па Ашенден вели дека некои од тие реченици не биле во завршниот драфт.
Тој не можеше со сигурност да потврди каде биле направени тие последни измени од оваа изјава:
„Таа е линијата, тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и што ќе го преплави светот. Тука нема играње. Ние сме тие што први го запоседнуваат теренот. Тоа е мојот начин на работа, нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот, па потоа кој и да дојде, втор, трет се реди зад тебе. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално, тоа е мојата кампања. Од друга страна, мора да кажеме и која е нашата фрустрација и болка“.
И супертајните агенти не се семоќни, па Ашенден ѕирнал само во грубиот нацрт на изјавата што требаше да ја каже премиерот (нормално е врвниот човек на една власт да води сметка за можните шпиони што може да се врткаат околу него, а не може да ги забележи.
Време на чудовишта
Има многу скокотливи и суштински детали во последниов супертаен извештај на Ашенден. Тие се всушност, спектакуларни.
Прво, еден од клучните аѓутанти на премиерот како мото на својот тефтер за забелешки ја ставил прочуената мисла на славниот италијански комунистички мислител и филозоф Антонио Грамши, од пред стоина години. Грамши беше силен критичар на фашистичкиот лидер Бенито Мусолини, па затоа беше затворен во 1926 и во затвор остана до кратко пред да умре во 1937 година. Во затворот тој ја напиша таа славна мисла:
„Стариот свет умира, а новиот свет се бори да се роди: сега е време на чудовишта“.
Нека не ве збунува што еден десничарски аѓутант го напишал ова мото на својот тефтер и со тоа му оддава огромна почит на марксистичкиот филозоф. Затоа што, навистина, новиот свет се бори да се роди.
Клучот за застанување прв во редот не било во она што го кажа американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, туку во плановите на Трамп да изгради ривиера во Газа. Ашенден нѐ убедува дека неговиот извештај е целосно точен и не треба да имаме никакво сомневање. Ние сме, сепак, сомничави. Вие просудете сами дали треба без остаток да им веруваме на каблограмите на Ашенден.
Застанувањето прв во редот во „новото нормално“ било поради трката какво парче да се земе од прекрасниот песочен брег во Газа, сега срамнета со земја од израелските бомби. Затоа требало да се застане прв во редот, а другите да се редат зад тебе. Има големи развивачи на недвижности во Македонија, особено во партиските структури.
Но настанала една дебата каде да биде тоа прво редење во редот. Дали да биде во Газа Сити или во Кан Јунис. Тие две места нашите развивачи на недвижности најдобро ги знаеле. Некој го спомнал помалиот град на морето Деир ал Балах. Сите одбиле да размислуваат за Рафа. Таа е на границата со Египет, плус не е на море. Па во еден своевиден бреин сторминг ги разгледувале плусевите и минусите. Газа Сити е најголем, излегува на морето, но таму конкуренцијата може да биде поголема, па оние што можеби ќе бидат шести-седми во редот поради нивната поголема моќ може најпосле да бидат први. Па затоа решиле најголемо внимание да му посветат на Кан Јунис. Тој е речиси до медитеранскиот брег, неговите можности за развој се извонредни. Таму ќе застанат први во редот и ќе го забодат македонското знаме. Македонија, конечно, ќе излезе на море. Додуша на специфичен начин, но сепак на море.
Некој споменал (Ашенден не прецизира кој) што ќе биде со Палестинците кои Трамп сака да ги пресели или протера во околните арапски држави. Дали тоа ќе биде огромна човечка неправда за напатениот народ? Присилен егзодус. Па дури и правел паралели со горката судбина на Македонците од Егејска Македонија, кои беа протерани од нивните вековни огништа по Граѓанската војна. Дали сакаме на Палестинците да им се случи она што им се случи на Македонците од Егејска Македонија? Дали нема да влеземе во длабока хипокризија, прашувал еден од оние што учествувале во дискусијата.
Но тој дисонантен тон бил речиси веднаш замолчен, не со укори, туку повеќе со прекорни погледи со веќе сега усвоената синтагма – „ова е новото нормално и тоа ќе го преплави светот“. Голготата на Егејците е реликт на Студената војна и тоа, колку и да е трагично, веќе не може да биде репер за човечки страдања, затоа што „ова е новото нормално“.
Каде е премиерот во видеото?
Ашенден во извештајот додава уште еден интересен детаљ. Македонската група била запозната во некои сегменти од видеото за Трамп во Газа што било подготвувано со вештачка интелигенција. Но не знаеле што содржи целосното видео за „ривиерата Газа“. Соработниците на тајниот агент Ашенден му рекле (а тој го напиша во извештајот) дека кога пет-шест дена подоцна се појави тоа видео, кое и тешко може да се прераскаже, оваа македонска група не била изненадена што има статуа на Доналд Трамп речиси иста како онаа на Ким ил Сунг во Пјонгјанг (така можеби и би требало да биде во „новото нормално“), но била разочарана што ги гледа Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разголени во лежалки како уживаат во „ривиерата Газа“. Па, нели премиерот се нареди прв во редот, а сега некој друг buddy го презел местото што не било за него. Нетанјаху ја искористил втората шанса да наметне прв впечаток, а тоа баш и не се совпаѓа со теоријата на премиерот.
Ашенден во својот извештај вели дека се лажни наводите оти македонската група без потреба побрзо се вратила од Вашингтон и не го ислушала говорот на Трамп на конференцијата на конзервативците затоа што немале платено да бидат во салата (наводно, билетите за тој ден биле прескапи). Групата се вратила порано затоа што сѐ што требаше да слушне групата го слушнала од потпретседателот Венс во Минхен и тоа е новото евангелие кон кое треба да се придружува. И така обраќањето на Трамп беше најмногу наменето за домашната публика.
Некои од тие што повеќе читаат и гледаат филмови, давале неколку примери. Еден ја споменал фантастичната сцена од „Конан варваринот“, кога приврзениците на култот одат по планината кај врховниот господар да му се поклонат, наметнувајќи ја споредбата со „новото нормално што ќе го преплави светот“.
Друг пак цитирал една запишана секвенца од драмата „Јулиј Цезар“ на Вилијам Шекспир, кога Касиј му вели на Брут: „Зошто, човече, тој го пречекори тесниот свет/Како Колосот/А ние ситните луѓе/Одиме под неговите огромни нозе и ѕиркаме околу/Да најдеме за себеси нечесни гробови“.
Но и тоа било отфрлено од другите, вели Ашенден, како неприкладно. Да, тој е Колос, но ние не ѕиркаме под неговите нозе. Ние сме наредени први во редот.
Има уште многу детали во овој извештај на Ашенден, како, на пример, дека Европската унија треба конечно да разбере оти веќе не може да си игра со нас, толку многу претрпевме, но сега вистинската вистина полека излегува на виделина. Има и прилично лоши зборови за некои клучни европски лидери. Па дека се развила интересна дискусија каква била моторната пила што ја доби Илон Маск од аргентискиот претседател Хавиер Милеи: дали била „штил“ или „хускварна“. Дошло и до некаков натпревар кој повеќе се разбира во моторни пили, па кај едната запците се вакви, кај другата онакви. Сепак, не можеле да се усогласат за заклучок.
Но како што знаете, не може сѐ да се пренесе од еден супертаен извештај. И ова е доволно да се добие една специфична слика за аџилакот на македонската група во американското светилиште. И од овие камчиња може да се склопува мозаикот. Клучниот заклучок на Ашенден во неговиот извештај е дека во новото нормално Европската унија е второстепен или третостепен играч. И иако Македонија се наоѓа на европскиот континент, веќе не е опортуно и партиски прикладно да се игра со европскиот шпил карти. Па, нив сите ги знаат. А ние – т.е. премиерот – е прв нареден во редот. Тоа е навистина голема работа.
Љупчо Поповски