Крај за евтините нарачки: Собранието изгласа 18% ДДВ за пратките од „Тему“ и „Али Експрес“

Ерата на евтини, неоданочени нарачки од странство завршува. Собранието ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност, со кои се укинува даночното ослободување за пратките со мала вредност. Ова значи дека граѓаните отсега ќе плаќаат 18% ДДВ и за нарачките до 22 евра кои пристигнуваат од популарните онлајн платформи како „Тему“, „Шеин“ и „Али Експрес“.

Со 59 гласа „за“ и 12 „против“, пратениците дадоа зелено светло за мерката која директно ќе влијае врз крајната цена на производите нарачани онлајн. Овие нарачки, кои досега беа ослободени од давачки, практично ќе поскапат за износот на данокот.

 

 

 

Влада: Целта е заштита на домашните трговци

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, пред пратениците образложи дека основната причина за оваа измена е воведување ред во е-трговијата и заштита на домашната економија.

„Основна причина заради која се врши оваа измена е создавање на појасна правна рамка, спречување на злоупотреби и обезбедување пофер и порамноправна положба на малите бизниси во Република Македонија со оние во странство при плаќање на ДДВ,“ истакна Јанкуловски.Тој посочи дека Македонија го следи европскиот тренд, потсетувајќи дека Европската Унија со директива го укина ова ослободување уште на 1 јули 2021 година. Слични мерки веќе се воведени во Србија и Црна Гора, додека во Албанија постапката е во процедура.

 

„1.000 тони неоданочена стока годишно“

Поддршка за законското решение стигна од пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија на Македонија (СПМ). Тој презентираше податоци кои укажуваат на обемот на увозот на ситни пратки.

„Само минатата година над 1.000 тони ситни производи се влезени во Република Македонија кои што не се оданочени. Тоа претставува нелојална конкуренција. Со ова законско решение ги ставаме барем во рамноправна положба македонските трговци,“ рече Станковиќ.

 

Левица: Ова е „данок на сиромаштијата“

Остро противење на измените изразија од пратеничката група на Левица. Пратеникот Реџеп Исмаил ја обвини власта дека наместо да ги оданочи профитите на големите компании или да се справи со сивата економија, удира по џебот на обичните граѓани.

„Сивата економија ви цвета. Кога имате рамен данок на добивка, од каде треба да се полни буџетот, вие одлучувате на и онака огромниот процент на приход од ДДВ – кој популарно се нарекува ‘данок на сиромашни’ – да се полни дополнително од нив. Практично, празниот буџет ние ќе го полниме од тоа што нашето граѓанство купува шноли и боички,“ критикуваше Исмаил.

 

Кога стапува на сила?

Новите правила нема да чекаат долго за примена. Законот стапува на сила осум дена по неговото објавување во „Службен весник“. Ова значи дека граѓаните кои планираат нарачки од странски веб-страници треба да очекуваат пресметување на ДДВ во многу краток рок. (4news)

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close