Крај за медените години на корупцијата


Веста за присуство на тим за санкции од Вашингтон во Скопје, наиде на голема поддршка во македонската јавност, поради гладта на граѓаните за правна држава и расчистување со криминалот, пишува Катерина Блажевска

Вклучување на нови лица на листата на санкции на САД (т.н. црна листа), исклучиво стручна помош за нашите институции во борбата против корупцијата и криминалот, или сѐ заедно? Ова се дилемите во македонската јавност по најавата на амбасадорката на САД во РСМ, Анџела Агелер дека „тим за санкции од Вашингтон е тука, заради поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери, и да ги разгледа сите можни одговори”.

„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и обвиненија за да се покаже дека никој не е над законот“, напиша Агелер на Твитер.

Што ќе значи ова во практика? Според аналитичарот Алберт Муслиу, САД се стратегиски партнер на РСМ и станува збор за истражен тим специјализиран за антикорупција.

„Тие сигурно нема да апсат и казнуваат. Ќе им помагаат на нашите истражни и на органите на прогон, за да дојдат до издржани докази во однос на спроведувањето на законите. Ќе бидат вклучени и во мониторирање, бидејќи нашите судови треба да ги водат и завршат тие процеси, да бидат повнимателни и да не ги заобиколуваат законските обврски. И самото присуство на тој тим многу ќе помага, бидејќи секој што планирал нешто да злоупотреби, два пати ќе размисли“, вели Муслиу.

Потенцира дека САД имаат и други механизми, како што е листата на санкции, а не треба да се заборави и на можноста од заеднички операции. Тој смета дека се згрешило кога во 2017 година отпаднала идејата за ветинг во правосудството, поради резерви во ЕУ заради долгиот идентичен процес во Албанија.

„Ако кај нас се спроведеше ветинг, сигурен сум дека процесот ќе одеше многу побрзо отколку во Албанија“, уверен е Муслиу.

Смета дека во битката против корупцијата не треба да се знамерат и условите во судството и обвинителството – од нивната слаба техничка и кадровска опременост па сѐ до платите, бидејќи инвестицијата во тоа е најисплатлива: носи поголема одговорност и превенција од девијации.

„Платите во оваа сфера кај нас се најниски во регионот. Нема да споредувам со поразвиени земји, туку со соседството. На пример, судија во Косово почнува со плата од 2.000 евра, а кај нас со 50.000 денари“, посочува Муслиу.

„Декади на инвестиции“

Но, според изјавата на амбасадорката Агелер, само инвестицијата на САД во македонското правосудство се мери во „милиони и милиони долари“.

„Ние говориме за декади од инвестиции. Говориме за милиони и милиони долари, платени од даночните обврзници на САД, за да се инвестира во судството на оваа земја. Во овој момент фер е да се каже дека сме обучиле, во една или друга форма, многу над мнозинството во правосудниот систем во оваа земја. И затоа верувам дека ние, но уште поважно граѓаните на оваа земја, заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција. Заслужуваат да видат судство што работи за нив, кое им покажува дека тие можат да добијат правда. Дека правдата им е достапна. И тоа би било оддолжувањето кое ние како САД го очекуваме“, рече амбасадорката Агелер во вчерашното гостување на ТВ Сител.

Во јавноста сега се множат прогнози дали синтагмата „тим за санкции од Вашингтон“ може да значи, пред сѐ, активности за докомлетирање на докази за лица од правосудството кои не и служеле на правдата, и се компромитирани до степен што повеќе не може ни да и служат, односно би можеле да завршат на листата на санкции на САД. Таков беше примерот со главната обвинителка на БиХ, Гордана Тадиќ, која во април годинава се најде на црната листа на САД заради кредибилни информации дека манипулирала со судски предмети за да заштитува политички патрони од покренување на обвиненија, и не назначувала предмети на обвинители преку автоматскиот систем за дистрибуција на предмети, кој има за цел да спречи назначување на обвинители врз основа на лични и политички причини.

Во истата „тура“ на таа листа беа ставени поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување (УБК) Сашо Мијалков, заради кредибилни информации дека ја злоупотребиле службената должност, барале и примале мито во замена за владини договори, се мешале во изборните процеси за своја лична и партиска придобивка. Нивното вклучување на листата на санкции (и на членовите на нивните потесни семејства) е спроведено според Поглавјето 7031 (c) од Законот за апропријации за програми на Стејт Департментот, странски операции и сродни програми од 2022 година, како и економски санкции според Извршната наредба 14033 на Одделот за контрола на странски капитал при Американското Министерство за финансии (OFAC).

Справување со старата болест

Вклучувањето на радарот на Вашингтон за лицата кои во македонското општество биле или се „над законот“, според јавните реакции наиде на голема поддршка во јавноста, а не е ни изненадувачко, со оглед дека беше најавено.

„Американската амбасадорка уште во нејзините завршни активности пред заминувањето за Македонија, како приоритет во нејзината работа пред сѐ ја нагласи борбата против корупцијата”, потсетува амбасадорот Љупчо Арсовски.

„Доаѓањето на специјален тим од САД, секако за некои е енигма со многу непознати елементи, но јас ја поврзувам со дел од нејзините изјави по предавањето на акредитивните писма, дека сака да и помогне на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери. Во овие неколку, за мене значајни точки, се наоѓа основата за настап на американскиот специјален тим на македонско тло“, вели Арсовски.

Во неговата дипломатска работа во изминатите децении, увидел дека во некои земји на Источна Европа и Западен Балкан американските амбасадори доаѓале со слична агенда.

„Борбата против корупцијата е значајна, бидејќи токму таа ‘стара болест’ го успорува економскиот, социјалниот, обрaзовниот процес во секоја земја. Со ова се поврзани и други проблеми во секојдневниот живот на секој граѓанин“, вели амбасадорот.

Тој посочува дека САД сериозно ја поддржуваат нашата држава на европскиот пат, со голема заинтересираност за стабилност на земјата во нејзиното опкружување и пошироко. Во тој контекст се и најавите на многу високо ниво дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот и да се тргнат од одговорните позиции, со што е потенцирано дека се работи за важна и ефективна алатка.

Ветингот пак на маса

„Конечно дојде ‘камшикарот'”, се дел од реакциите на социјалните мрежи по веста дека тим за санкции од Вашингтон е во РСМ. Реакциите алудираат на досегашниот неуспех на надлежните институции да се справат со криминалот, корупцијата и неодговорноста, и честото повикување дека ни е потребен „камшикар“, тривијален термин кој го употреби поранешниот премиер Зоран Заев.

„Реформите ќе ги направиме, но ни треба камшикар. Ни треба некој од ЕУ и НАТО да дојде овде и малку да не потсреди сите – од мене на чело, па надолу сите“, повикуваше Заев во време на неговиот мандат, во септември 2018 година.

Иако во меѓувреме беше најавувана една „метла“, па втора, тоа не заврши со поголеми промени кон одговорноста на функционерите, па во април 2019 година, повторно беше спомнат „камшикарот”.

„Секој мора да носи одговорност во државата, бил тоа премиер, бил судија, бил обвинител, бил граѓански активист, кој и да е граѓанин, сите мора да да си носат одговорност, или бенефит од своите успеси. Еден дел од земјите го решиле тоа со поглавјата. Поглавјата ќе ни помогнат. Јас затоа велам – ќе дојде камшикарот. Ќе не потсредат сите заедно, ама најмногу можеме ние дома да се потсредиме”, рече Заев.

„Потсредувањето” не се случи. Актуелниот премиер Димитар Ковачевски вчера од самитот Западен Балкан-ЕУ во Тирана, најави подготовка на закон за ветинг.

„Разговаравме за владеењето на правото и за борбата против корупцијата. На агендата на нашата Влада многу високо е владеењето на правото и борбата против корупцијата и овие денови тоа е главна тема што ги окупира нашите медиуми и нашите институции. Веќе разговаравме и на ниво на коалициски партнери, за донесување на закон за ветинг. За тоа разговарав и овде со највисоките претставници на ЕУ. Многу скоро ќе се најде законско решение пред пратениците, за спроведување на постапка за оценување на постојните и на идните носители на функции во однос на нивниот интегритет, во насока да се намали можноста за било каква нефункционалност на оние кои што ќе бидат поставени на позиции. Тука пред сѐ мислам на намалување на корупцијата, криминалот и подобрување на управувањето со институциите“, најави Ковачевски.

Back to top button
Close