Крај за ,,затворскиот туризам”, осудениците отсега нема да можат да избираат каде ќе ,,лежат”

Со денешните измени на Законот за извршување на санкциите, кои добија зелено светло во Собранието, му дојде крајот на затворскиот туризам, односно повеќе нема да може осудениците самите да го бираат затворот во кој ќе треба да ја одлежат затворската казна.

Затворскиот туризам се актуелизираше кога бизнисменот Орце Камчев и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, наместо во истражниот затвор во Шутка, одбраа казните за ,,Империја” да ги одлежат во струшкиот затвор, каде што добија поголеми привилегии. Поточно, тие по направените спогодби го сменија местото на живеење во Охрид, по што добија право да ,,лежат” во затвор од отворен тип. Ова значи дека преку ден се на слобода поради работни ангажмани, а навечер се враќаат во затворот за да преспијат.

Отсега пак, осудениците ќе ја издржуваат казната во затворите во градовите каде што имале живеалиште во моментот кога против нив почнала кривичната постапка.
Па така, во измените, кои денеска ги изгласаа пратениците, пишува:

,,Со членот 2 од Предлогот на закон се менува членот 7 од Законот со што е променето постоечкото законско
решение, односно првостепената одлука
со која е изречена санкцијата судот е
должен да му ја достави на надлежниот
суд за извршување на санкциите според
местото на живеалиштето, односно
престојувалиштето кое осуденото лице ја
имало во моментот на започнување на
кривичната постапка, со што се
елиминира можноста за менување на
адресата на живеење на лицето пред
изрекување на првостепената пресуда
или извршноста на одлуката”.

Од Министерството за правда денеска појаснија за потребата од законските измени.

-Заострување на начинот на кој што осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење и со тоа таканаречено избирање на казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната и условите во истата, велат од правда.

Од Министерството за правда појаснуваат дека законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина во затворите како и генерална и општата безбедност во државата коja ќе се постигне со формирање на Единицита за затворско разузнавање и Единицита за интервенции.

Додаваат и дека со законот се подобруваат и условите и правата од работен однос на вработените во Управата и вработените во КПУ и ВПУ, но информираат и за воведување на уште една новина.

-Воспоставувањето на системот за видео надзор и користење боди камери во установите ќе доведе до намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, велат од правда.

Back to top button
Close