Крадци по вторпат украле искористено масло од продавница за храна, овојпат околу три тони
Непознати крадци по вторпат за помалку од една година украле буриња со искористено масло за пржење од киоскот за помфрит „Фрутeри“ во белгискиот град Турнхаут. Сопственикот на објектот, Арнолд Сегерс, изјави дека биле украдени околу три тони употребено масло, за кое се сомнева дека се користи за производство на биодизел.

– Газдата изјави дека кражбата била снимена од безбедносните камери во раните утрински часови, пренесува Фламанската радио-телевизија (VRT). Според него, крадците пристигнале со комбе без видливи регистарски таблички, брзо ги товариле полните буриња и на нивно место оставиле слични, но празни. Сè траеше околу пет минути. Делуваа многу организирано и имаа опрема за брзо товарење, додаде Сегерс.
Специјализирана компанија редовно го презема искористеното масло, за кое сопствениците добиваат околу 80 евра по тон, поради што вкупната штета се проценува на околу 240 евра. Сегерс наведе дека ја забележал кражбата дури наредниот ден и дека ќе поднесе пријава до полицијата.
Претседателот на здружението на сопственици на трафики за помфрит „Навефри“, Бернар Лефевр, потврди дека дел од искористеното масло се преработува во биодизел, чија вредност е поврзана со цените на нафтата, поради што станало цел на кражби.
-Секако, не можете да прочистувате искористено масло за пржење во гаража. Потребни се контакти со рафинерија, но како, што и кој го прави тоа, не знам. Станува збор за индустриски процес, нагласи Лефевр.
Полицијата во Турнхаут соопшти дека е запознаена со неколку слични случаи во последниот период, но дека засега не станува збор за масовна појава.






