Кралицата Елизабета Втора со божиќна порака до граѓаните: Не сте сами

Британската кралица Елизабета Втора денеска во божиќната порака им оддаде признание на сите за искажаната солидарност во текот на оваа пандемиска година и порача дека „по најтемната ноќ, постои надеж во нова зора“.

– Секако дека овој период од годината на многумина ќе им донесе тага, некои ќе плачат поради загубата на саканите, а други ќе бидат одвоени од своите пријатели и семејства поради почитување на епидемиолошките мерки, а сите знаеме дека за Божик најмногу сакаме прегратка или подадена рака. Доколку спаѓате во овие луѓе, сакам да ви кажам дека не сте сами, истакна кралицата во претходно снимената порака која денеска беше емитувана.

И покрај проблемите, како што додаде таа, пандемијата на некој начин ги зближи луѓето.

Кралицата (94), која како и многумина го прославува Божик далеку од своето семејство, истакна дека луѓето во Обединетото кралство и низ светот достоинствено се соочија со предизвиците од оваа година, нагласувајќи дека е „горда и трогната од тој тивок и нескротлив дух“.

На крајот посебно им се заблагодари на младите, сите работници и останатите добри луѓе кои се борат против пандемијата и им помагаат на другите.

Back to top button
Close