КРАСТАВИЦИ И БАНАНИ
Во празнична еуфорија и особено што сме пред прагот на нова година што треба да ни донесе нова надеж, целосно го разбирам премиерот Христијан Мицкоски кога вели дека треба да зборуваме само за убави работи. Треба да има убави вести. Ама не и да ги измислуваме.
Мицкоски прво ни кажа дека сѐ повеќе иселеници се враќаат во татковината. А потоа викна неколкумина иселеници и смисли Форум во Владата за да си го потврди тоа што ни го кажа. Ни рецитираше поезија дека „колку и да оди човек далеку, срцето секогаш го влече назад“.
Во 21 век, кога светот со неброени можности за комуникација е едно глобално село, тешко дека ќе поминат тажните печалбарски приказни од 19 век. Што ќе им речат родителите на своите деца откако ги слушнаа пораките од Форумот на Мицкоски? Што се мачите таму? Штом премиерот вика дека другите масовно се враќаат, дојдете си и вие. Не бидете за греота.
Дека мала е жртвата на тие што решиле да се отселат од дома, па сега премиерот ќе им кажува кои се и што се таму и колку им е тешко во туѓина. Дека „каде и да одите низ светот, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци“.
А дома што сме? Не сме ли дојденци? Па кај нас е норма сите што не се во било која партија, а особено владејачка партија, да се дојденци во сопствената земја. Ако ништо друго, таму каде што се заминати не им значи толку кој е на власт. Дојденци се, ама каков ќе им биде животот им зависи од сопственото знаење и способности. И од сопствениот труд. Сигурно кариерата не им зависи од некој локален дибек испилен во општински комитет.
Којзнае, можеби охрабрен од добрите вести и Никола Груевски ќе се врати. Да си биде свој на своето. Оти, како вели премиерот: „каменот повеќе тежи на своето место“.
Ама, каменот и одблизу доаѓа.
2Како и да е, за враќање во Македонија прв нога повлече шимпанзото Коко кое неделава прослави 30-ти роденден во Скопската зоолошка градина. Коко ја проби сезоната на враќања уште во 2019, откако десет години беше на ресоцијализација во Центарот за заштита на животни во Амстердам, Холандија, оти беше во длабока депресија од животот во Скопје.
Кога се врати здрав го жалевме Коко повеќе отколку кога си замина болeн
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






