Крастев: Враќањето на ВМРО-ДПМНЕ е лоша вест за Бугарија и регионот

Бугарскиот аналитичар Николај Крастев смета дека доаѓањето на Заев на власт во Македонија отворило прозорец од можности за Бугарија и шанса да се отворат повеќе прашања, но сега со неговата оставка тој прозорец се затвора и тоа е лоша вест за Бугарија и за регионот

Може да се каже дека има замор од Заев. Не успеа да ги заврши потребните реформи. Правдата е многу болно прашање и Заев мораше да го реши во времето што го имаше на премиерската функција, вели Николај Крастев, новинар и меѓународен аналитичар, во емисија на бугарската подружница на телевизијата Блумберг.

Тој потсетува и дека пред околу две години имало скандали околу затворањето на Специјалното јавно обвинителство. Но смета дека овие скандали се иницирани однадвор, со што им биле врзани рацете на луѓето од власта. Сепак, вели Крастев, „некои од политичарите што крадеа за време на владеењето на Никола Груевски, сепак, беа осудени“.

Додава дека владата на Зоран Заев се соочила со каскада проблеми, како референдумот за промена на името, постигнување на Договорот од Преспа и тој со Бугарија.

„Заев мораше да го започне процесот за членство во НАТО практично од нула“,рече Крастев.

 

Смета дека доаѓањето на Заев на власт во С Македонија отворило прозорец од можности за Бугарија и можност да се отворат повеќе прашања, но сега со неговата оставка тој прозорец се затвора и тоа е лоша вест за Бугарија и за регионот.

„Оставката на Зоран Заев и лошите резултати на локалните избори се лоша вест за Бугарија. Овие избори не беа локални, тие беа второто полувреме на парламентарните избори кои се одржаа пред година и половина и, ако саката, дури и второ полувреме од референдумот“,смета тој.

Потсетува и дека новите општински советници на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, при вчерашното потпишување на уверенијата дека се избрани за претставници во Советот на Општината, ја пречкртаа „Северна“ во името Република Северна Македонија. Ова, според бугарскиот аналитичар, ја покажува желбата на ВМРО-ДПМНЕ да си го врати назад сето она што Заев го направил во неговото владеење.

Смета дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Договорот од Преспа е индикативен и за односите со Бугарија и вели дека не треба да се заборави дека ВМРО-ДПМНЕ порача дека Северна Македонија треба да ги прекине односите со Бугарија.

„Тоа значи дека веќе се скршени позициите што нашата држава ги бранеше во Скопје во последните две години“,

додава Крастев за Блумберг.

Back to top button
Close