Краток спој на кабел за радио е причината за пожарот во Домот за стари лица во Тузла
Обвинителството во Тузла го објави прелиминарниот експертски извештај кој покажува дека пожарот во Домот за стари лица, во кој загинаа 15 лица, е предизвикан од краток спој на радио-приемник кој бил механички и термички оптоварен затоа што бил стегнат помеѓу душекот, ѕидот и металниот дел од креветот, пренесуваат медиумите во БиХ.

Како последица на пожарот во Пензионерскиот дом, загинаа 15 лица, а повеќе од 30 лица беа повредени. Обдукциите покажаа дека сите починале како последица на задушување, а дека едно тело било зафатено од пожар.
Причината за пожарот е наведена во наодот и мислењето на електротехничар.
„Тоа се случи како резултат на краток спој во спроводниците на приклучниот кабел на радио-приемникот, кој во моментот на пожарот бил вклучен во приклучок, стегнат помеѓу душекот на креветот, ѕидот и металниот дел од креветот во собата на еден од станарите на Домот за стари лица во Тузла. Главната причина прво било механичкото, а потоа и термичкото оптоварување на кабелот“, се вели во соопштението на Обвинителството на Тузланскиот кантон.
Наодите и мислењето на вештакот за причините за пожарот се почетен дел од истражните дејствија што се спроведуваат и ќе се спроведуваат во иднина со цел да се утврди одговорност и пропусти, со цел да се соберат факти за тоа дали последиците можеле да се избегнат или намалат.
„Истрагата ќе биде сеопфатна и детална. Ќе бидат проверени сите околности на пожарот, односно целата причинско-последична врска, одговорноста и пропустите во работата“, соопштува Обвинителството






