Кремљ го обвини Киев за загрозување на Белорусија, ЕК одговори дека Украина има право на самоодбрана

Кремљ ја обвини Украина за загрозување на суверенитетот на нејзиниот близок сојузник Белорусија, откако Киев му даде рок од една недела на Минск да ги отстрани ретранслаторите (станиците за пренос на сигнали) кои, според украинската страна, се користат за насочување на руските напади.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека една седмица треба да му биде доволна на белорускиот лидер Александар Лукашенко да ја отстрани опремата што Русија ја користи за напади врз Украина, предупредувајќи дека во спротивно Киев ќе преземе соодветни акции. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин и Лукашенко се очекува да разговараат за ова прашање во блиска иднина.

– Што се однесува до самата закана, таа е целосно агресивна – претставува мешање во внатрешните работи на друга држава и посегање по нејзиниот суверенитет. Но, немаме апсолутно никаков сомнеж дека раководството и самата држава Белорусија се способни да го заштитат својот суверенитет –  изјави Песков пред новинарите.

Руските сили ја искористија белоруската територија за влез во Украина во февруари 2022 година, но Минск – кој во меѓувреме стана домаќин на руско тактичко нуклеарно оружје – не испрати сопствени трупи и тврди дека нема намера да се вклучи во војната.

Наспроти предупредувањето од Зеленски, Европската комисија (ЕК) денеска на брифинг во Брисел порача дека Украина има целосно право на самоодбрана, изјави портпаролката на ЕК, Анита Хипер.

– Можеме да ја изнесеме позицијата на ЕУ во однос на Белорусија. Таа продолжува да ѝ помага на руската агресивна војна против Украина – нагласи Хипер, потсетувајќи дека Минск врши провокации против ЕУ, вклучувајќи го нарушувањето на воздушниот простор и инструментализацијата на миграцијата. Поради ова, таа подвлече дека ЕУ веќе воведе санкции за режимот на Лукашенко и е подготвена да преземе дополнителни мерки доколку белоруските власти продолжат со ваквото однесување.

Back to top button
Close