Кремљ со порака до Украина: Колку подолго чекате, толку полошо ќе биде
Москва, чиишто сили се обидуваат да ја преземат контролата врз Покровск во источна Украина, ги обвини украинските претставници дека одбиваат да учествуваат во мировните преговори.

Киев вели дека условите на Москва за завршување на војната се неприфатливи и се еднакви на барање Украина да се предаде.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека Русија останува отворена за политичко и дипломатско решение и сака мир.
Доколку тоа не е можно, Песков рече дека Русија ќе продолжи да се бори за да ја заштити сопствената безбедност во корист на идните генерации.
Песков рече дека украинската страна треба да знае оти порано или подоцна ќе мора да преговара, но од многу полоша позиција.
„Позицијата на режимот во Киев ќе се влошува од ден на ден“,додаде портпаролот на Кремљ.
Руската новинска агенција ТАСС во вторникот објави дека функционер на Министерството за надворешни работи изјавил дека Русија е подготвена да ги продолжи мировните преговори со Украина во Истанбул.
Немало никакви средби лице в лице меѓу двете земји од состанокот во најголемиот град во Турција на 23 јули.
На состанокот кон крајот на јули, кој траеше само 40 минути, украинската страна предложи состанок во август меѓу нејзиниот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
Кремљ подоцна изјави дека Путин е подготвен за таков состанок, но само ако е во Москва, што Киев го отфрли.






