Кремљ: Состанок Путин и Зеленски е можен доколку се постигнат одредени договори
Зеленски требаше да се сретне со шефот на Кремљ оваа недела во Турција, но Путин вчера испрати тим советници и службеници да се сретнат со украинските преговарачи во Истанбул, на првите директни разговори од март 2022 година.
Претседателот Владимир Путин може да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но само под услов да се постигнат одредени договори, соопштија денеска од Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не прецизира какви договори бара Русија како предуслов.
Путин и Зеленски не се сретнале од декември 2019 година.
„Таква средба, како резултат на работата на делегациите на двете страни за постигнување одредени резултати во форма на договор, е можна. Сметаме дека е можна. Во исто време, при потпишувањето документи за кои делегациите би се согласиле, главното и фундаментално прашање за нас останува: кој точно ќе ги потпише овие документи од украинска страна“, рече Песков.
Зеленски требаше да се сретне со шефот на Кремљ оваа недела во Турција, но Путин вчера испрати тим советници и службеници да се сретнат со украинските преговарачи во Истанбул, на првите директни разговори од март 2022 година.
На разговорите, Русија и Украина договорија меѓусебна размена на 1 000 заробеници. Доколку договорената размена се случи, тоа ќе биде најголемиот трансфер на заробеници во повеќе од три години од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Путин претходно го доведе во прашање легитимитетот на Зеленски како претседател, со оглед на тоа што неговиот мандат истече минатата година. Со воената состојба во Украина, не е одреден датум за нови избори.