Криминалот и корупцијата- хабитат во македонското секојдневие

Од денешен аспект не ми е чудно што распадот на бившата СФРЈ беше внатрешен проблем. Словенија и Хрватска, во рамките на Југославија, беа понапредни како републики. Набргу сфатија дека не можат до недоглед да бидат ментори или поддржувачи на рамноправните републики во таа сојузна држава, меѓу кои беше и нашата Македонија.

Почитувани читатели, во денешнава колумна, посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе дадам свое лично видување за тоа каква држава сме, до кој степен на општествениот развој сме стигнале и каква ни е иднината.

 

Човек кој што патува осознава, учи и прави споредба на својата земја со остаток од светот. Сакам и умеам да ги препознавам убавините и достигнувања на другите земји и култури, каде што се движам, споредувајќи ги со реалноста во нашата држава.

 

Блиску 4,5 години пишувам секоја недела колумни врзани за стечајот на Еуростандард банка, барајќи начин да допрам до органите на прогонот кои што функционираат (треба да функционираат) во нашата држава.

 

За жал, до ден денес и денешната Влада, слично како и претходната, молчи. Сѐ уште не се презема ништо за да се разреши овој случај, за кој сум убеден дека не е единствен во државата.

 

Лајт мотив ми е дека надежта последна умира. Верував и сѐ уште сакам да верувам дека секоја ново избрана влада ќе отпочне со вистинска борба против организираниот криминал и корупција во нашата држава, кои што се прифаќаат како секојдневие на кое што се навикнуваме.

 

Деновиве патував низ бившите ЈУ републики, Словенија, Хрватска и Србија. Пред неполн еден месец бев на патување во Црна Гора, патувајќи низ Косово и Албанија.

 

Констатирав дека распадот на бившата СФРЈ беше внатрешен проблем, бидејќи Словенија и Хрватска, кои во тие услови беа понапредни републики, разбраа дека не можат до недоглед да бидат ментори или поддржувачи на рамноправните републики во сојузна држава, меѓу кои беше и нашата Македонија.

Денес овие две земји се искачуваат на највисокото ниво во Европската Унија, по сите светски стандарди. Општествено, економски и културолошки одат напред. Патувајќи низ Косово и Албанија видов дека и овие две држави имаат невиден брз економски развој. Косово, кое што во светски рамки сѐ уште е непризната држава, има развиено многу силен и динамичен економски систем.

Чувството, дека како држава со економски развој и животен стандард, нѐ надминаа сите наши соседни држави, е болно чувство.

Во раните 90-ти години, по распадот на СФРЈ, бевме третирани од тогашната ЕУ како земја со најсилен економски и општествен развој, посилен од Бугарија, Албанија и Косово!

Заклучокот е еден: тонеме со нашата самостојност. Граѓаните полека но сигурно ја губат вербата во опстојувањето на Македонија, барајќи место за живот и просперитет надвор од границите.

Деновиве во Хрватска се случи скандал во кој беше разрешен Министерот за здравство, бидејќи истражните органи утврдиле дека примал мито.

 

Целата јавност, вклучително и владата најостро реагираа, осудувајќи го разрешениот Министер за таков недоличен чин.

 

Сведоци сме дека држава Хрватска го осуди и бившиот Премиер и Претседател Санадер, за извршен криминал. Овие два факти сведочат за оваа држава дека функционираат имплементирани закони со кои што на најригиден начин се казнуваат учесниците во криминалот и корупцијата.

 

Вакво нешто во нашата Македонија се нема случено.

 

Заклучокот е само еден: криминалот и корупцијата владеат во Македонија, подеднакво во сите државни и верски институции. Ја спомнав верата, бидејќи деновиве беше објавено на социјалните мрежи, дека две особи со криминално досие кои си ја купија слободата со украдените пари од државата, се големи донатори во православен христијански храм.

 

Ова не е срам само за мене, ова е срам за целото наше општество.

 

На крајот завршувам со мојата перцепција дека организираниот криминал и корупција се длабоко всадени во нашето секојдневие. Ова општествено зло нема ниту национална, ниту верска боја. Забошотувањето на индивидуалните и групни криминали само го развиваат национализмот во државата и ја поткопуваат нејзината нестабилност. Целта е очигледна, а таа е да се покријат трагите на организираниот криминал, корупција и нивните носители, и по цена на распадот на постоечката држава.

 

На учесниците во организираниот криминал и корупција државотворноста не им е светост. Нема да мрднат ниту со прст доколку државата се распадне. Токму тука е мојата лична грижа бидејќи криминогените структури на бившите влади секојдневно ја бомбардираат јавноста со промовирање на национализмот.

Мојата лична борба , околу стечајот на Еуростандард банка ќе продолжи. Стравувам дека нефункционалната држава, заробена од криминалот и корупција, не е во состојба да го реши не само мојот проблем, туку и проблемот на многу мои сограѓани.

Ние, оштетените од државата, мораме да се бориме нашата држава да опстои. Само на таков начин ќе можеме да се избориме за правото и правдата да профункционираат. Во спротивно, правдата ќе биде избришана. Ќе останеме обесправени во хабитатот на криминалот.

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close