Кривичен ги упатува медиумите да бараат одговори од Судскиот совет за прашањата во врска со изјавите поврзани со пресудата за второобвинетата во „Онкологија
Основниот кривичен суд Скопје ги упатува медиумите да бараат одговор од Судскиот совет за сите прашања во врска со изјавите поврзани со вчерашната пресуда – двегодишна условна казна без забрана за вршење на дејност за второобвинетата во случајот „Онкологија“, Мери Пешевска.
Во соопштението на Кривичен се наведува дека Судот со зголемено внимание ги следи рекациите во јавноста поврзани со предметот „Онкологија“ и ги упатува медиумите да се обратат до Судскиот совет, бидејќи, велат, неговата надлежност е да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
– По повод медиумските прашањата во однос на изјавите поврзани со неправосилната судска одлука К бр. 1069/25, односно пресудата за раздвоената постапка по повод признание на вина во предметот во јавноста познат како „Онкологија“, Кривичениот суд Скопје ја известува јавноста дека со зголемено внимание ги следи јавните реакции. За сите одговори, срдечно ги упатуваме медиумите да се обратат до Судскиот совет на Република Северна Македонија кој е надлежен да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции, стои во соопштението.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, прашан како ја коментира пресудата на Кривичен за второобвинетата во случајот „Онкологија“, Пешевска, рече дека неговите ставови за обвинителството и судството се многу пати кажани и разговарани и оти се бараат закони со кои во суштина се бара зголемување на буџетот за судовите и обвинителствата. Мицкоски рече дека има дилема дали и сегашните плати кои што ги земаат судиите и обвинителите се заслужени.
Кривичен вчера ѝ изрече двегодишна условна казна без забрана за вршење на дејност на онкологот Мери Пешевска, доколку во рок од пет години таа не стори ново дело. Таа претходно го делото кое што ѝ се става на товар за несовесно лекување болни, по што кривичната постапка против неа беше раздвоена.
Пешевска заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и уште двајца онколози беше обвинета за несовесно лекување пациенти. Според обвинението, на нив им се ставаат на товар кривичните дека „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.